← 2Corinthians (9/13) → |
1. | А во врска со собирањето помош за светиите, излишно е да ви пишувам, |
2. | зашто позната ми е вашата готвност, за која се фалам пред Македонците дека Ахаја уште од лани е приготвена и дека вашата ревност поттикнала мнозина од нив. |
3. | Сепак ги испратив браќата, за да не се покаже, во овој случај, празно нашето фалење со вас и за да бидете, како што реков, подготвени, |
4. | та ако дојдат со мене Македонците и ве најдат неподготвени, да не се усрамиме ние, да не речам вие. |
5. | И така, сметав за нужно да ги молам браќата пред нас да дојдат кај вас и да го приготват однапред вашиот отпорано ветен изобилен дар, така што да биде подготвен како дарежливост, а не како нешто изнудено. |
6. | А ова ви го велам: кој сее скудно, скудно и ќе жнее; кој сее штедро, штедро и ќе жнее! |
7. | Секој нека даде како што решил во срцето, а не безволно и не сосила, зашто Бог го љуби радосниот дарител. |
8. | А Бог е способен изобилно да ја излее сета благодат врз вас, па имајќи секогаш доволно сè што е потребно, да имате изобилно за секое добро дело, |
9. | како што е напишано: "Раздаваше нашироко, им даваше на сиромашните,Неговата праведност останува во вечни векови." |
10. | Оној Кој му дава семе на сејачот и леб за храна, ќе го умножи и вашето семе и ќе ја зголеми жетвата на вашата праведност; |
11. | и ќе бидете збогатени во сè за секаква штедрост, која преку нас предизвикува благодарност кон Бога. |
12. | Зашто извршувањето на оваа служба, не само што им ги надополнува потребите на светиите, туку и преизобилува со многу благодарење на Бога. |
13. | Поради доказот на оваа служба тие ќе Го прослават Бог, заради вашата послушност кон Христовото Евангелие кое го исповедате и за штедроста на вашиот придонес за нив и за сите, |
14. | а тие со својата молитва за вас, покажуваат дека копнеат по вас заради преизобилната Божја благодат во вас. |
15. | Вала Му на Бога за Неговиот неискажлив дар! |
← 2Corinthians (9/13) → |