| ← 2Corinthians (7/13) → |
| 1. | И така, мили мои, кога ги имаме овие ветувања, да се исчистиме од секоја духовна и телесна нечистотија, усовршувајќи ја својата светост во страв од Бог. |
| 2. | Примете нè во вашите срца! Никому не згрешивме, никого не расипавме, никого не измамивме. |
| 3. | Не ви го велам ова за да ве осудам, зашто, пред малку реков дека сте во нашите срца за да умреме и за да живееме заедно. |
| 4. | Имам голема доверба во вас и многу се фалам со вас; исполнет сум со утеха; преплавен сум со радост во сите наши неволи. |
| 5. | Зашто, и кога дојдовме во Македонија, нашето тело немаше спокој, туку отсекаде бевме во невола: однадвор борби, однатре стравови. |
| 6. | Но, Оној Кој ги утешува понизните, нè утеши со доаѓањето на Тит; |
| 7. | и не само со неговото доаѓање, туку и со утехата со која тој се утеши заради вас, известувајќи нè за вашиот копнеж, за вашата тага, за вашата ревност за мене, така што се зарадував уште повеќе. |
| 8. | Зашто, дури и да ве нажалив со ова послание, не се каам. Па иако се покајав, оти навистина гледам дека посланието ве натажи, макар и за кратко, - |
| 9. | сега се радувам, не заради тоа што се нажаливте, но затоа што се нажаливте за покајание; бидејќи се нажаливте според Бога, за да не бидете во нешто оштетени од нас. |
| 10. | Зашто, тагата која е по Божја волја донесува покајание за спасение, за кое не се жали; но тагата на светот донесува смрт. |
| 11. | Зашто, видете, колкава искрена сесрдност произлезе токму од ова, од вашата побожна тага: каква одбрана, какво негодување, каков страв, каков копнеж, каква ревност и казнување. Покажавте во сè дека сте чисти во тоа дело. |
| 12. | Bпрочем, ако и ви пишав, не го напишав тоа заради престапникот, ни заради оној што претрпел зло, туку за да се покаже пред Бога вашата грижа за нас. |
| 13. | Затоа и се утешивме. Но покрај оваа наша утеха, многу повеќе се израдувавме заради радоста на Тит, зашто сите вие го освеживте неговиот дух. |
| 14. | Ако му се пофалив со нешто за вас, не се посрамив, туку како што сè ви зборувавме вистинито, така и нашето фалење пред Тит се покажа вистина. |
| 15. | А неговото срце уште повеќе чувствува за вас, кога ќе се сети на вашата послушност, како го примивте со страв и трепет. |
| 16. | Се радувам што можам во сè да имам доверба во вас. |
| ← 2Corinthians (7/13) → |