← 2Corinthians (4/13) → |
1. | Затоа, кога го имаме ова служење, откако добивме милост, ние не се обесхрабруваме, |
2. | туку се одрековме од тајните, срамни работи; не живееме во лукавство, ниту го изопачуваме Божјото слово, туку преку откривањето на вистината се препорачуваме себеси на секоја човечка совест, пред Бог. |
3. | Ако пак е скриено нашето Евангелие, скриено е за оние кои гинат; |
4. | на кои богот на овој свет им го заслепил разумот, за да не ја видат светлината на Евангелието на славата на Христос, Кој е Божји лик. |
5. | Зашто, ние не се проповедаме себеси, туку Христос Исус како Господ; а себеси како ваши слуги заради Исус. |
6. | Зашто, Бог, Кој рече светлина да светне од темнината, е Тој Кој засвети во нашите срца, за да ги осветли со познавањето на Божјата слава пред Христовото лице. |
7. | А ова богатство го имаме во земјени садови, та ненадминливото величие на моќта да биде од Бога, а не од нас. |
8. | На мака сме од сите страни, но не сме скршени; притеснети сме, но не очајуваме; |
9. | нè прогонуваат, но не сме напуштени; кутнати сме, но не сме погубени, |
10. | секогаш носејќи ја во телото Исусовата смрт, за Исусовиот живот да се покаже во нашето тело. |
11. | Зашто ние живите постојано сме предавани на смрт заради Исус, за Исусовиот живот да се покаже во нашето смртно тело. |
12. | И така, смртта дејствува во нас, а животот во вас. |
13. | А бидејќи го имаме истиот дух на верата, како што е напишано: "Јас поверував и затоа зборував," и ние веруваме и затоа зборуваме, |
14. | знаејќи дека Оној Кој Го воскресна Господ Исус, ќе нè воскресне и нас со Исуса и заедно со вас ќе нè претстави пред Себеси. |
15. | Зашто сето ова е заради вас, та благодатта, која се распространува преку мнозина, да предизвика изобилно благодарење за слава на Бог. |
16. | Затоа, не папсуваме, па и ако се распаѓа нашиот надворешен човек, внатрешниот се обновува од ден на ден. |
17. | Зашто, нашата сегашна лесна невола ни донесува прекумерно, и неизмерно, вечно изобилство на слава, |
18. | бидејќи ние не гледаме на она што е видливо, туку на она што е невидливо; зашто видливите работи се привремени, а невидливите се вечни. |
← 2Corinthians (4/13) → |