← 2Corinthians (10/13) → |
1. | А јас самиот, Павле, ве преколнувам преку Христовата кроткост и благост; јас, кој сум понизен кога сум меѓу вас, но сум смел кон вас кога сум далеку од вас! |
2. | Сакам, кога ќе бидам кај вас, да не треба да истапам со онаа смелост со која мислам да истапам против некои, кои мислат дека постапуваме според телото. |
3. | Ние, навистина, живееме во телото, но не војуваме според телото, |
4. | зашто оружјето на нашето војување не е телесно, туку е со божествена моќ за разурнување на упориштата. |
5. | Ние ги рушиме мудрувањата и сè што се крева против познавањето на Бог, ја плениме секоја мисла за послушност на Христос |
6. | и готови сме да казниме секаква непослушност, откако ќе се исполни вашата послушност. |
7. | Гледате површно на нештата! Ако некој е уверен во себе дека е Христов, уште еднаш во себе нека помисли на ова: како што е тој Христов, така сме и ние! |
8. | Зашто, ако се пофалам и малку повеќе со нашата власт што Господ ни ја даде за ваше надградување, а не за ваша пропаст, нема да се засрамам; |
9. | но нека не изгледа дека сакам да ве заплашувам со моите посланија, |
10. | зашто, "посланијата му се", некои велат, "тешки и силни; но кога е лично присутен, тој е немоќен, а зборовите му се за презир." |
11. | Таквиот нека знае дека она што сме на збор преку посланијата кога сме отсутни, тоа сме и на дело кога сме присутни. |
12. | Имено, не се осмелуваме да се вбројуваме или да се споредуваме со некои кои се препорачуваат сами себеси; но не постапуваат разумно, кога се мерат сами со себе и се споредуваат сами со себе. |
13. | А ние не сакаме прекумерно да се фалиме, туку само во рамките на досегот, што Бог ни го определи како мера, за да достигнеме дури до вас. |
14. | Ние не се протегаме прекумерно, како што ќе беше ако не достигневме до вас; зашто ние први стигнавме до вас со Христовото Евангелие; |
15. | и не се фалиме прекумерно со туѓи напори, туку се надеваме, кога ќе порасне вашата вера, дека ние, и надвор од нашиот досег, уште повеќе ќе бидеме величени меѓу вас; |
16. | и дека ќе го проповедаме Евангелието и подалеку од вас, а да не се фалиме со тоа што е направено во туѓ делокруг. |
17. | "Кој се фали, во Господ да се фали." |
18. | Зашто, не е достоен оној кој самиот се препорачува, туку оној кого Господ го препорачува. |
← 2Corinthians (10/13) → |