2Corinthians (1/13) → |
1. | Павле, апостол на Исус Христос, преку Божјата волја, и братот Тимотеј, до Божјата црква во Коринт, со сите светии, кои се по цела Ахаја. |
2. | Благодат вам и мир од Бог, нашиот Татко, и од Господ Исус Христос! |
3. | Благословен да е Бог и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Таткото на милосрдноста и Бог на секоја утеха, |
4. | Кој нè утешува во секоја наша невола, за да можеме и ние да ги утешуваме оние што се наоѓаат во каква и да е невола, со утехата со која Бог нè утешува нас самите. |
5. | Зашто, како што Христовите страдања изобилуваат во нас, така преизобилува и нашата утеха преку Христос. |
6. | Ако сме измачувани, тоа е за ваша утеха и спасение. Ако ние се утешуваме, тоа е за ваша утеха, која е делотворна во трпеливото поднесување на истите страдања, што ги трпиме и ние. |
7. | Нашата надеж за вас е цврста, знаејќи дека вие учествувате како во нашите страдања така и во нашата утеха. |
8. | Браќа, всушност, сакаме да знаете каква невола нè снајде во Азија, дека бевме оптоварени преку секоја мера и над нашите сили, така што не се надевавме ни да го запазиме својот живот. |
9. | Навистина, во себе ја носиме смртната пресуда, за да не се надеваме сами на себеси, туку на Бог, Кој ги воскреснува мртвите. |
10. | Тој нè избави од толку блиска смрт и уште ќе нè избавува Оној, во Кого се надеваме. Тој уште ќе нè избавува |
11. | со помош на вашите молитви за нас, за мнозина да Му заблагодарат за даруваната благонаклоност што ја добивме преку многумина. |
12. | Зашто нашата пофалба е оваа: сведоштвото на нашата совест, дека во светот, а особено спрема вас, се однесувавме во светост и побожна искреност, не во телесна мудрост, туку во Божја благодат. |
13. | Зашто, не ви пишуваме ништо друго, освен она што го читате и разбирате, а се надевам дека ќе разберете докрај, |
14. | како што веќе нè разбравте делумно, дека ние сме ваша пофалба, а вие наша, во денот на нашиот Господ Исус. |
15. | Со таа увереност сакав да дојдам најпрвин кај вас, за да примите двоен благослов; |
16. | и преку вас да поминам во Македонија, а од Македонија пак да дојдам кај вас, и вие да ми помогнете во моето патување за Јудеја. |
17. | Да не постапив лекомислено кога го посакав тоа? Или пак да не се моите намери телесни, така што истовремено да велам и "да" и "не"? |
18. | Бог е верен дека нашето слово кон вас не е и "да" и "не." |
19. | Зашто Божјиот Син, Христос Исус, Кого Го проповедавме меѓу вас, јас, Силуан и Тимотеј, не беше "да" и "не", туку во Него беше "да", |
20. | бидејќи Божјите ветувања, колку многу и да се, во Него се "да." Затоа преку Него и ние самите велиме "Амин", за слава на Бог. |
21. | А Бог е Тој кој нè утврдува заедно со вас во Христос и нè помаза, |
22. | и нè запечати и ни го даде Духот во нашите срца, како залог. |
23. | А јас Го повикувам Бог за сведок на мојата душа, дека за да ве поштедам, не дојдов повеќе во Коринт; |
24. | не оти ние господариме со вашата вера, туку сме соработници за ваша радост, зашто во верата вие стоите цврсто. |
2Corinthians (1/13) → |