← 2Chronicles (17/36) → |
1. | Наместо него стана цар синот негов Јосафат, којшто се зацврсти против Израилците. |
2. | Тој распореди војски по сите утврдени градови на Јудеја и постави стражи по земјата Јудејска и по градовите Ефремови, што ги беше завладеал татко му Аса. |
3. | И Господ беше со Јосафата, зашто одеше по правите патишта на таткото свој Давид и не ги побара Вааловците, |
4. | туку Го побара Бога на таткото свој и постапуваше по Неговите заповеди, а не по делата на Израилците. |
5. | И Господ го зацврсти царството во рацете негови; сите Јудејци му носеа подароци на Јосафата; тој се здоби со големо богатство и слава. |
6. | Срцето негово му се возвиси во Господовите патишта; притоа тој ги премавна оброчиштата и младите шуми во Јудеја. |
7. | А на третата година од царувањето ги испрати кнезовите свои Бенхаил, Овадија, Захарија, Натанаила, и Михеја да го поучуваат народот по Јудините градови, |
8. | и со нив левитите: Семаја, Нетанија, Зевадија, Азаила, Семирамота, Јонатана, Адонија, Товија и Тов-Адонија, а со нив уште и свештениците Елишам и Јорам. |
9. | Тие ги подучуваа Јудејците, носејки ја со себе книгата на законот Господов; ги обиколуваа сите јудејски градови и го учеа народот. |
10. | И ги обзеде страв Господов сите земни царста околу Јудеја, и не војуваа со Јосафата. |
11. | А од Филистејците му носеа на Јосафата дарови и сребро за данок; исто така и Арапите му донесуваа ситен добиток: седум иљади и седумстотини овни и седум иљади и седумстотини јарци. |
12. | Се издигаше Јосафат се повеке, и изгради во Јудеја домови градови и тврдини. |
13. | Тој имаше големо богатство во јудејските градови, а во Ерусалим - храбри борци. |
14. | Еве го нивниот список според домовите на татковците нивни: од Јуда иљаданачалници: Адна водач, којшто имаше триста иљади храбри војници; |
15. | по него Јоанан началник, кој имаше двесте и осумдесет иљади; |
16. | по него Амасија, Зихриев син, кој се беше посветил на Господа; тој имаше двесте иљади силни војници. |
17. | Од Венијамина: храбриот војник Елијад, кој имаше двесте иљади вооружени со лак и штит; |
18. | по него Јозавад, кој имаше сто и осумдесет иљади вооружени војници. |
19. | Ете, тие му служеа на царот, освен од оние, што ги беше распоредил царот во утврдените градови по цела Јудеја. |
← 2Chronicles (17/36) → |