← 1Peter (4/5) → |
1. | И така, бидејќи Христос настрада за нас во телото, вооружете се и вие со истата цел - зашто оној кој настрадал во тело прекинал со гревот, |
2. | та преостанатото време на животот, во телото, да не го поминете според човечките похоти, туку според Божјата волја, |
3. | бидејќи доволно е тоа што во минатото ги спроведувавте желбите на многубошците трчајќи по сладострастие, похоти, пијанство, гозби, пијанки и гнасно идолопоклонство. |
4. | Затоа сега и се чудат дека вие не трчате со нив во истата крајност на развратот, и затоа ве клеветат. |
5. | Но тие ќе Му дадат сметка на Оној Кој е готов да им суди на живите и на мртвите. |
6. | За таа цел им беше проповедано Евангелието и на оние кои се мртви, та иако тие се судени во тело како луѓе да живеат во дух според Бог. |
7. | А наближи крајот на сè. Затоа бидете разумни и со трезвен дух во молитвите. |
8. | Пред сè, имајте сесрдна љубов меѓу себе, зашто љубовта покрива многу гревови. |
9. | Бидете гостољубиви еден спрема друг, без негодување. |
10. | Бидејќи секој од вас добил дар, користете го во служба еден на друг како добри управители на многукратната Божја благодат. |
11. | Ако некој говори, нека зборува како да се Божји зборови; ако некој служи, нека служи како со силата која Бог ја дава, за во сите работи да се прослави Бог преку Исус Христос, Кому Му припаѓаат славата и власта во сите векови. Амин. |
12. | Мили мои, не чудете се на огненото испитување што се појави меѓу вас, за да ве испита, небаре ви се случува нешто необично, |
13. | туку, радувајте се дека соучествувате во Христовите страдања, за да можете да се радувате и веселите при откровението на Неговата слава. |
14. | Блажени сте ако ве напаѓаат заради Христовото име, зашто тогаш Духот на славата и Божјиот Дух почива врз вас. |
15. | Никој од вас да не страда како убиец, или крадец, или злосторник или како оној што се меша во туѓи работи; |
16. | но, ако страда како христијанин, да не се срами, туку да Го слави Бог со тоа име, |
17. | зашто време е судот да почне од Божјиот дом, а ако почнува прво од нас, каков ли ќе им биде крајот на оние кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие? |
18. | И "ако праведникот одвај се спасува, што ќе стане со безбожникот и грешникот?" |
19. | Затоа и оние кои страдаат по Божја волја, да Му ги доверат своите души на верниот Создател, правејќи добро. |
← 1Peter (4/5) → |