← 1Peter (2/5) → |
1. | И така, оставајќи ги настрана секоја злоба и секаква измама, лицемерство, завист и сите клевети, |
2. | како новороденчиња, копнејте по духовното, вистинско млеко на словото, па со него да пораснете за спасението, |
3. | ако сте вкусиле дека Господ е добар. |
4. | Пристапувајќи Му Нему како на жив камен, Кого луѓето Го отфрлија, но Кој е од Бог избран и скапоцен, |
5. | и вие самите, како живи камења, изградувајте се како духовен дом, за свето свештенство, за да принесувате духовни жртви, прифатливи за Бог, преку Исус Христос. |
6. | Зашто вака стои во Писмото: "Еве, поставувам на Сион Камен темелник, одбран и скапоцен, и кој верува во Него, нема да се засрами." |
7. | Оваа скапоценост, значи, е за вас кои верувате, а за оние кои не веруваат:"Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник" |
8. | и "камен за сопнување и карпа за соблазнување", тие се сопнуваат, бидејќи му се непокорни на словото, за што се и определени. |
9. | А вие сте избран род, царско свештенство, свет народ, кој Му припаѓа на Бог, за да ги прогласите доблестите на Оној Кој ве повика од темнината во Својата чудесна светлина. |
10. | Bие кои некогаш не бевте народ, сега сте Божји народ; вие кои некогаш не добивте милост, сега сте помилувани. |
11. | Мили мои, ве молам, како туѓинци и новодојдени, да се воздржувате од телесните похоти, кои војуваат против душата. |
12. | Однесувајте се примерно меѓу многубошците, токму во она за што ве клеветат како злосторници; така што врз основа на вашите добри дела, кога ќе ги видат, да Го прослават Бог во денот на посетата. |
13. | Заради Господ, покорувајте и се на секоја човечка власт: било на царот, како владетел, |
14. | било на управителите, како негови пратеници пратени од Него да ги казнуваат злосторниците, а да ги пофалуваат оние кои прават добро! |
15. | Зашто ова е Божја волја: правејќи добро, да го замолкнете незнаењето на неразумните луѓе. |
16. | Дејствувајте како слободни и не употребувајте ја слободата како оправдување на злото, туку користете ја како Божји слуги! |
17. | Почитувајте ги сите, негувајте братољубие, бојте се од Бог, почитувајте го царот! |
18. | Слуги, покорувајте им се на своите господари со целосна почит, но не само на добрите и кротките, туку и на суровите! |
19. | Зашто тоа се цени, ако заради својата совест пред Бог, човек трпи и тагува кога неправедно страда. |
20. | Инаку, каква е пофалбата ако трпите кога ве казнуваат за вашите престапи? Но, ако страдате и трпите кога правите добро, тоа е благодат пред Бога. |
21. | Зашто за тоа сте повикани, бидејќи и Христос страдаше за вас и ви остави пример, та и вие да врвите по Неговите стапки. |
22. | Тој не направи грев и не се најде измама во Неговата уста. |
23. | Тој, Кој беше навредуван, не возвраќаше со навреда; кога страдаше - не се закануваше, туку се предаде Себеси на Оној Кој суди праведно. |
24. | Тој Сам во Своето тело ги понесе нашите гревови на дрвото, та ние, умирајќи за гревот, да живееме за праведноста; преку Неговите рани се исцеливте. |
25. | Зашто талкавте како овци, но сега се вративте кај Пастирот и Чуварот на вашите души. |
← 1Peter (2/5) → |