← 1John (4/5) → |
1. | Мили мои, не верувајте му на секој дух, туку проверувајте ги духовите за да видите дали се од Бога, зашто многу лажни пророци излегоа во светот. |
2. | По ова препознајте го Божјиот Дух: секој дух кој исповедува дека Исус Христос дојде во тело, е од Бог; |
3. | а секој дух кој не Го признава Исуса, не е од Бог; тоа е духот на антихристот, за кого сте чуле дека ќе дојде, и сега е веќе во светот. |
4. | Чеда, вие сте од Бога и нив ги победивте, зашто Оној Кој е во вас, поголем е од оној кој е во светот. |
5. | Тие се од светот и затоа зборуваат световно и светот ги слуша. |
6. | Ние сме од Бог. Оној кој Го познава Бога, нè слуша нас, а оној кој не е од Бог, не нè слуша нас. По тоа го познаваме духот на вистината и духот на заблудата. |
7. | Мили мои, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бог и секој кој љуби од Бога е роден и Го познава Бог. |
8. | А кој не љуби, не Го познава Бог, зашто Бог е љубов. |
9. | Божјата љубов спрема нас се покажа со тоа што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него. |
10. | Љубовта е во ова, не дека ние Го засакавме Бог, туку Тој нè засака нас и Го испрати Својот Син како жртва за помирување за нашите гревови. |
11. | Мили мои, ако Бог нè засака така, и ние треба да се љубиме еден со друг. |
12. | Никој никогаш не Го видел Бога; ако се љубиме еден со друг, Бог е во нас и Неговата љубов станува совршена во нас. |
13. | Дека сме ние во Него и Тој во нас, познаваме по тоа што ни даде од Својот Дух. |
14. | А ние видовме и сведочиме дека Таткото Го испрати Синот да биде Спасител на светот. |
15. | Секој кој признава дека Исус е Божјиот Син, Бог е во него и тој е во Бог. |
16. | И ние ја запознавме и поверувавме во љубовта која Бог ја има спрема нас. Бог е љубов, и оној кој останува во љубовта, останува во Бога и Бог останува во него. |
17. | Така љубовта во нас станува совршена, за да имаме увереност на Судниот ден, зашто каков што е Тој, такви сме и ние во светов. |
18. | Bо љубовта нема страв, туку совршената љубов го изгонува стравот, зашто стравот подразбира казна, а кој се плаши, не е совршен во љубовта. |
19. | Ние љубиме, зашто првин Тој нè засака нас. |
20. | Ако некој рече: "Го љубам Бога", а го мрази својот брат, лажливец е, зашто кој не го љуби својот брат кого го видел, не може да Го љуби Бог, Кого не Го видел. |
21. | Од Него ја имаме оваа заповед: кој Го љуби Бог, да го љуби и својот брат. |
← 1John (4/5) → |