← 1John (3/5) → |
1. | Гледајте каква љубов ни дарувал Таткото: да се нарекуваме Божји деца. А тоа и сме! Светот затоа и не нè познава нас, бидејќи не Го позна Него. |
2. | Мили мои, сега сме Божји деца, и уште не се откри што ќе бидеме. Но знаеме дека кога Тој ќе се појави ќе Му бидеме слични, зашто ќе Го гледаме онаков каков што е. |
3. | И секој што ја има оваа надеж во Него, се исчистува самиот, така како што е и Тој чист. |
4. | Секој што врши грев, врши и беззаконие, а гревот е беззаконие. |
5. | И знаете дека Тој се јави за да ги отстрани гревовите, а во Него нема грев. |
6. | Ниту еден кој останува во Него, не греши. Ниту еден кој греши, не Го видел Него, ниту Го познал. |
7. | Чеда, никој да не ве мами. Кој чини праведност, праведен е така како што е и Тој праведен. |
8. | Кој чини грев, од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот. Затоа се јави Божјиот Син, за да ги разурне делата на ѓаволот. |
9. | Ниту еден кој е роден од Бог не чини грев, зашто Неговото семе е во него, и не може да греши, бидејќи е роден од Бог. |
10. | По ова се препознаваат Божјите чеда и ѓаволските чеда: секој што не чини праведност не е од Бог, ниту пак оној што не го љуби својот брат. |
11. | Зашто ова е веста што ја чувте од почетокот: да се љубиме еден со друг! |
12. | Не како Каин којшто беше од злиот и го уби брата си. И зошто го уби? Затоа што неговите дела беа зли, а на брат му праведни. |
13. | Не чудете се, браќа, ако светот ве мрази. |
14. | Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, бидејќи ги љубиме браќата. Оној кој не љуби, тој останува во смртта. |
15. | Секој што го мрази својот брат, е убиец, а знаете дека во ниеден убиец нема вечен живот. |
16. | Љубовта ја познаваме по тоа што Тој го положи својот живот за нас; и ние сме должни да ги положиме своите животи за браќата. |
17. | А кој има световни блага и го види братот свој во нужда, па го затвори своето срце пред него, како може Божјата љубов да остане во него? |
18. | Чеда, да не љубиме со збор или со јазик, туку со дело и вистина. |
19. | По тоа ќе познаеме дека сме од вистината, и ќе ги увериме своите срца пред Него, |
20. | зашто кога нашето срце нè осудува, Бог е поголем од нашето срце и знае сè. |
21. | Мили мои, ако срцето не нè осудува, имаме доверба пред Бог, |
22. | и што и да побараме од Него, добиваме затоа што ги пазиме Неговите заповеди и го правиме тоа што Му е Нему по волја. |
23. | А Неговата заповед е оваа: да веруваме во името на Неговиот Син, Исус Христос, и да се љубиме еден со друг, како што Тој ни заповеда. |
24. | Оној кој ги пази Неговите заповеди, останува во Него, а и Тој во него. А по ова знаеме дека Тој е во нас: по Духот што ни Го дал. |
← 1John (3/5) → |