← 1Corinthians (8/16) → |
1. | Што се однесува до идолските жртви, знаеме дека сите ние имаме знаење. Знаењето вообразува, а љубовта надградува. |
2. | Ако некој мисли дека знае нешто, тој сè уште не знае како што треба да знае! |
3. | Но, ако некој Го љуби Бога, него Бог го познава. |
4. | И така, во однос на јадењето на идолски жртви, знаеме дека идолот не е ништо во светот и дека нема друг Бог освен Единиот. |
5. | Зашто, дури и да има таканаречени богови, било на небото, било на земјата - како што има многу богови и многу господари - |
6. | сепак, ние имаме еден Бог, Таткото, од Кого е сè и за Кого постоиме ние, и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сè, и преку Кого суштествуваме и ние. |
7. | Но, сите го немаат ова знаење. Имено, некои што се досега навикнати на идолите - ја јадат храната како идолска жртва, и така се осквернува нивната слаба совест. |
8. | Меѓутоа храната не нè прави угодни на Бог: ниту губиме нешто, ако не јадеме, ниту добиваме нешто, ако јадеме. |
9. | Но внимавајте оваа ваша слобода да не им стане камен за сопнување на слабите! |
10. | Зашто ако некој те види тебе, кој имаш познавање, како седиш на трпеза во идолски храм, нема ли неговата совест, бидејќи е слаба, да биде поттикната да јаде од жртвуваното на идолите? |
11. | И заради твоето познавање загинува слабиот, братот за кого Христос умре. |
12. | Значи, грешејќи против браќата и ранувајќи ја нивната слаба совест, грешите против Христос. |
13. | Затоа, ако храната го наведува на грев мојот брат, нема воопшто да јадам месо довека, за да не го наведувам на грев својот брат. |
← 1Corinthians (8/16) → |