| ← 1Corinthians (6/16) → |
| 1. | Се осмелува ли некој од вас, ако има спор со друг, да оди на суд пред неправедните, а не пред светиите? |
| 2. | Или не знаете ли дека светиите ќе му судат на светот? И ако вие ќе му судите на светот, не сте ли достојни да судите во малите спорови? |
| 3. | Не знаете ли дека ние ќе им судиме на ангелите! А камо ли на делата од овој живот! |
| 4. | И така, ако имате поставено судови за работите од овој живот, дали ги поставувате за судии оние кои се малку ценети во црквата! |
| 5. | Зборувам за ваш срам. Bистина ли е дека меѓу вас нема ниеден мудар, кој би можел да пресуди меѓу своите браќа, |
| 6. | туку брат се суди со брат, и тоа пред неверници? |
| 7. | Без сомнение, тоа е веќе за сите вас пораз, штом имате парници помеѓу себе. Зошто поарно не претрпите неправда? Зошто поарно не претрпите штета? |
| 8. | Bпрочем, вие самите ги онеправдувате и оштетувате, и тоа браќата! |
| 9. | Или не знаете дека неправедните нема да го наследат Божјото царство? Не мамете се! Ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубниците, ни полово изопачените, ни хомосексуалците, |
| 10. | ни крадците, ни алчните, ни пијаниците, ни клеветниците, ни измамниците, нема да го наследат Божјото царство. |
| 11. | А некои од вас беа такви. Но, бевте измиени, и бевте осветени, и бевте оправдани во името на нашиот Господ Исус Христос и во Духот на нашиот Бог. |
| 12. | Сè ми е дозволено, но не е сè полезно. Сè ми е дозволено, но не сакам ништо да завладее над мене. |
| 13. | Храната е за стомакот, а стомакот за храната, но Бог ќе ги уништи и едното и другото. Телото не е за блудство, туку за Господ, а Господ е за телото; |
| 14. | Бог, Кој Го воскресна Господ, ќе нè воскресне и нас со Својата моќ. |
| 15. | Не знаете ли дека вашите тела се Христови органи? И така, да ги земам ли Христовите органи и да ги направам органи на блудница? Никако! |
| 16. | Или не знаете дека оној кој ќе се соедини со блудница станува едно тело со неа? Зашто Тој рече: "Обата ќе станат едно тело." |
| 17. | А кој се соединува со Господ, еден дух е со Него. |
| 18. | Бегајте од блудство! Секој грев што човекот го прави, е надвор од телото, а блудникот греши против своето сопствено тело. |
| 19. | Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух Кој е во вас, Кого го имате од Бог, па дека не си припаѓате на себеси? |
| 20. | Зашто скапо сте платени. Затоа, прославете Го Бог во своето тело. |
| ← 1Corinthians (6/16) → |