← 1Corinthians (3/16) → |
1. | Јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, туку како на телесни, како на деца во Христос. |
2. | Со млеко ве напоив, а не со тврда храна, зашто уште не сте способни да ја примите. А ни сега не сте способни, |
3. | зашто сè уште сте телесни. Не сте ли телесни и не живеете ли како обичните луѓе, штом меѓу вас има завист и препирки? |
4. | Не сте ли телесни кога еден зборува: "Јас сум Павлов", а друг: "Јас сум Аполосов?" |
5. | Па што е Аполос? Што е Павле? Служители преку кои вие поверувавте и тоа според она, колку кому Господ му дал. |
6. | Јас посадив, Аполос навади, но Бог направи да расте. |
7. | Затоа, ниту оној кој сади е нешто, ниту оној кој полева, туку Бог Кој прави да расте. |
8. | А оној кој сади и оној кој полева, едно се, но секој ќе ја прими својата награда според својот труд. |
9. | Ние сме Божји соработници, а вие сте Божја нива, Божја градба. |
10. | Според Божјата благодат, која ми беше дадена, јас, како мудар ѕидар, поставив основа, а друг гради врз неа. Но секој да внимава како гради врз неа. |
11. | Зашто, никој не може да постави друга основа, освен онаа што е поставена, која е Исус Христос. |
12. | Ако некој врз оваа основа ѕида со злато, сребро, скапоцени камења, дрво, сено, слама, |
13. | сечие дело ќе излезе на видело; денот ќе го покаже, зашто ќе се открие преку оган; а огнот ќе ја испита вредноста на сечие дело. |
14. | Оној, кому ќе му остане тоа што го градел, ќе прими награда; |
15. | а оној чие дело ќе изгори, тој ќе претрпи загуба, а самиот ќе се спаси, но така како низ оган. |
16. | Не знаете ли дека сте Божји храм и дека Божјиот Дух живее во вас? |
17. | Ако некој го урива Божјиот храм, Бог ќе го урне него, зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие. |
18. | Никој нека не се мами. Ако некој меѓу вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да може да стане мудар, |
19. | зашто мудроста на овој свет е безумство пред Бог! Зашто напишано е: "Тој ги разоткрива мудрите во нивното лукавство." |
20. | И пак: "Господ ги знае мислите на мудрите, знае дека се суетни." |
21. | Затоа никој да не се фали со луѓе! Зашто сè е ваше, |
22. | било да е Павле, или Аполос, или Кифа, или светот, или животот, или смртта, или сегашноста, или иднината, сè ви припаѓа вам, |
23. | а вие Му припаѓате на Христос, а Христос на Бог. |
← 1Corinthians (3/16) → |