← 1Corinthians (15/16) → |
1. | Bи напомнувам, браќа, за Евангелието, кое ви го проповедав, што вие го примивте и во кое стоите, |
2. | преку кое и сте спасени, ако цврсто го држите како што ви го навествував, освен ако не сте поверувале напразно. |
3. | Зашто, најпрвин ви го предадов она што го бев и примил: дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата, |
4. | и дека беше погребан и дека воскресна на третиот ден, според Писмата; |
5. | дека му се јави на Кифа, а потоа и на дванаесеттемина. |
6. | Потоа им се јави едновремено на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи до денес, а некои починаа. |
7. | Потоа му се јави на Јаков, и потем на сите апостоли. |
8. | А најпосле ми се јави и мене како на недоносче. |
9. | Зашто јас сум најмал меѓу апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква, |
10. | но по Божја благодат сум она што сум. А Неговата благодат спрема мене не се покажа залудна, туку се потрудив повеќе од сите нив, но не јас - туку Божјата благодат, која е со мене. |
11. | И така било јас или тие, така проповедаме, а така и поверувавте. |
12. | Но, ако се проповеда дека Христос воскресна од мртвите, како некои меѓу вас велат дека нема воскресение на мртвите? |
13. | Ако нема воскресение на мртвите, тогаш ни Христос не воскреснал, |
14. | а ако Христос не воскреснал, тогаш залудна е нашата проповед, залудна е и вашата вера. |
15. | Ако навистина мртвите не воскреснуваат се наоѓаме како лажни Божји сведоци, бидејќи сведочевме за Бог дека Го воскресна Христа, Кого не Го воскреснал. |
16. | Зашто, ако мртвите не воскреснуваат, ни Христос не воскреснал. |
17. | А ако Христос не воскреснал, суетна е вашата вера - вие сè уште сте во вашите гревови. |
18. | Тогаш и оние кои починале во Христос, загинале. |
19. | Ако само во овој живот се надеваме на Христос, ќе бевме за жалење, повеќе од сите други луѓе. |
20. | Но сега, Христос воскресна од мртвите, како првина на оние кои починале. |
21. | Бидејќи смртта дојде преку човек, така преку човек дојде и воскресението од мртвите. |
22. | Зашто, како што сите умираат во Адам, така и во Христос сите ќе оживеат. |
23. | Но секој по својот ред: Христос како првина, а потоа оние кои се Христови, во времето на Неговото доаѓање. |
24. | Тогаш доаѓа крајот, кога Тој ќе Му го предаде царството на Бог и Таткото; откако ќе го уништи секое началство и секоја власт и сила. |
25. | Зашто, Тој треба да владее "додека не ги собори сите Свои непријатели под нозете Негови." |
26. | Последниот непријател кој ќе биде уништен е Смртта. |
27. | Зашто "Сè потчинил под Неговите нозе." А кога вели, "сè е потчинето", јасно е дека е потчинето сè, освен Оној Кој Му потчинил сè. |
28. | Кога ќе Му биде потчинето сè, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној Кој Нему Му потчинил сè, за Бог да биде сè во сè. |
29. | Инаку, што ќе прават оние што се крштаваат за мртвите? Ако мртвите воопшто не воскреснуваат, зошто се крштаваат за нив? |
30. | Зошто сме ние во опасности секој час? |
31. | Со пофалба заради вас, браќа, која ја имам во Христос Исус, нашиот Господ, јас умирам секој ден. |
32. | Ако од човечки побуди се борев со ѕверови во Ефес, каква ми е ползата? Ако мртвите не воскреснуваат, "да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме!" |
33. | Не мамете се - "лошото друштво ги расипува добрите навики!" |
34. | Отрезнете се како што треба и престанете да грешите, зашто некои не знаат за Бог. За ваш срам го велам ова. |
35. | Туку, некој ќе праша: "Како воскреснуваат мртвите? И во какво тело ќе дојдат?" |
36. | Неразумен човеку, тоа што го сееш не оживува, ако не умре. |
37. | И кога го сееш, не го сееш телото што ќе биде, туку голо зрно, било пченично или од нешто друго. |
38. | А Бог му дава тело какво што сака, и на секое семе негово тело. |
39. | Сите тела не се еднакви; туку друго е човечкото, и друго е животинското тело, друго е телото на птиците, и друго на рибите. |
40. | Има и небесни тела и земни тела, но една е славата на небесните тела, а друга на земните. |
41. | Поинаков е сјајот на сонцето, а поинаков е сјајот на месечината, и друг е сјајот на ѕвездите, а и ѕвезда од ѕвезда се разликува според сјајот. |
42. | Така е и со воскресението на мртвите; се сее во распадливост, а воскреснува во нераспадливост; |
43. | се сее во бесчестие, а се воскреснува во слава; се сее во немоќ, а се воскреснува во сила; |
44. | се сее природно тело, а воскреснува духовно тело. Ако има природно тело, има и духовно тело. |
45. | Исто напишано е: "Првиот човек, Адам, стана жива душа"; а последниот Адам - животворен Дух. |
46. | Но не е прво она што е духовно, туку прво е природното, а потоа духовното. |
47. | Првиот човек е од земјата, земјен; вториот човек е од небото. |
48. | Каков е земјениот, такви се и земјените; каков е небесниот, такви се и небесните. |
49. | И како што го носевме ликот на земјениот, така ќе го носиме и ликот на небесниот. |
50. | Ова ви го велам, браќа: тело и крв не можат да го наследат Божјото царство; ниту распадливото може да го наследи нераспадливото. |
51. | Еве! Bи кажувам тајна: не ќе умреме сите, туку сите ќе се измениме, |
52. | во еден момент, за миг на окото, при последната труба: имено трубата ќе затруби и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме, |
53. | зашто треба ова распадливото да се облече во нераспадливо и ова смртното да се облече во бесмртност. |
54. | А кога ова, распадливото, ќе се облече во нераспадливост и, ова, смртното ќе се облече во бесмртност, тогаш ќе се збидне напишаното: "Победата ја проголта смртта. |
55. | О, смрт, каде ти е победата? О, смрт, каде ти е осилото?" |
56. | Осилото на смртта е гревот, а силата на гревот е законот. |
57. | Но, фала Му на Бога, Кој ни даде победа преку Нашиот Господ Исус Христос. |
58. | Затоа, мои мили браќа, бидете цврсти, непоколебливи, секогаш пребогати во Господовото дело, знаејќи дека вашиот труд во Господ не е залуден. |
← 1Corinthians (15/16) → |