← 1Corinthians (14/16) → |
1. | Стремете се кон љубовта! Копнејте за духовни дарови, а особено да можете да пророкувате! |
2. | Зашто, оној што зборува на јазик, не им зборува на луѓето, туку на Бог, бидејќи никој не го разбира, но во духот зборува тајни. |
3. | А оној што пророкува, им зборува на луѓето за поука, за опомена и утеха. |
4. | Кој зборува на јазик, се надградува себеси, а оној што пророкува ја надградува црквата. |
5. | Би сакал сите да зборувате на јазици, а уште повеќе да пророкувате. Зашто, оној што пророкува е поголем од оној што зборува на јазици, освен ако ги толкува, та заедницата да добие поука. |
6. | А сега, браќа, ако дојдам кај вас зборувајќи на јазици, каква полза ќе имате од мене, освен ако не ви зборувам по пат на откровение, или знаење, или пророштво или поука? |
7. | И бездушните нешта што даваат звук, како кавалот или харфата, ако не даваат различни звуци, како ќе се знае што свири кавалот или харфата? |
8. | Ако трубата дава неопределен звук, кој ќе се подготвува за бој? |
9. | Така и вие: ако со јазикот не изговарате разбирливи зборови, како ќе се разбере што зборувате? Ќе зборувате во ветар. |
10. | Bо светот има којзнае колку разни звуци, и ниеден не е без значење, |
11. | или, ако не го познавам значењето на јазикот, ќе му бидам туѓинец на оној што зборува, а оној што зборува, ќе ми биде туѓинец мене. |
12. | Така и вие, бидејќи копнеете за духовни дарови, настојувајте да ги имате во изобилство за надградба на црквата! |
13. | Затоа оној што зборува на јазик, нека се моли за да може да го толкува. |
14. | Зашто, ако се молам на јазик, мојот дух се моли, но мојот ум е бесплоден. |
15. | Што значи тоа? Ќе се молам со духот, но ќе се молам и со умот; ќе пеам со духот, но ќе пеам и со умот. |
16. | Зашто ако благословуваш само со духот, како неупатениот посетител ќе рече "Амин" на твоето благодарење, кога не знае што зборуваш? |
17. | Зашто, ти навистина благодариш, но другиот не се надградува. |
18. | Му благодарам на Бог дека зборувам на јазици повеќе од сите вас; |
19. | но во црква повеќе сакам да кажам пет збора со мојот ум, за да ги поучам и другите, отколку десет илјади зборови на непознат јазик. |
20. | Браќа, немојте да сте деца во умот, туку бидете детинести во злото, а зрели во умот! |
21. | Bо Законот е напишано: "Преку луѓе кои говорат на туѓи јазици и преку усните на туѓинци, ќе му зборувам на овој народ, но и тогаш нема да Ме послушаат - говори Господ-." |
22. | Затоа јазиците не се знак за оние што веруваат, туку за неверниците; пророштвото пак, не е за неверниците, туку за оние што веруваат. |
23. | Ако пак целата црква се собере на едно место, и ако сите зборуваат на јазици, и ако влезат неупатени или неверници, нема ли да речат дека сте полуделе? |
24. | Но, ако сите пророкуваат, а влезе некој неверник или неупатен, сите го разобличуваат, и сите го осудуваат; |
25. | тајните на неговото срце се откриваат и така тој ќе падне ничкум, ќе Го прослави Бога и ќе изјави дека Бог е навистина меѓу вас. |
26. | Што тогаш, браќа? Кога се собирате, секој од вас има псалм, има поука, има откровение, има јазик, има толкување. Сè нека биде за поука! |
27. | Ако некој зборува на јазик, нека зборуваат по двајца, или најмногу по тројца, и тоа еден по друг, а еден нека толкува! |
28. | Ако нема толкувач, нека молчи во црквата; и нека си зборува сам на себе и на Бог! |
29. | Пророците пак, нека зборуваат по двајца или тројца, а другите да расудуваат. |
30. | Ако некому од седнатите му дојде откровение, првиот нека замолчи! |
31. | Зашто сите можете да пророкувате еден по еден, за да се поучат сите и за да се охрабрат сите. |
32. | И пророчките духови им се покоруваат на пророците, |
33. | зашто Бог не е Бог на безредие, туку на мир, како што е во сите цркви на светиите. |
34. | Жените да молчат во црквите; ним не им е дозволено да зборуваат, туку да се потчинуваат, како што вели законот. |
35. | Ако сакаат да научат нешто, нека ги прашаат своите мажи дома, зашто е непристојно жена да зборува в црква. |
36. | Од вас ли излезе Божјото слово? Или само до вас стигна? |
37. | Ако некој мисли дека е пророк или духовен, нека разбере дека ова што ви го пишувам е Господова заповед! |
38. | Ако некој не разбира, нека не разбира! |
39. | Затоа, браќа мои, посакувајте да пророкувате и не забранувајте да се зборува на јазици! |
40. | Но сите работи нека се вршат пристојно и уредно! |
← 1Corinthians (14/16) → |