1Corinthians (1/16) → |
1. | Павле, преку Божјата волја повикан апостол на Исус Христос, и братот Состен, |
2. | до Божјата црква во Коринт, до осветените во Христос Исус, повиканите светии, заедно со сите кои на секое место го повикуваат името на Исус Христос, нивни и наш Господ. |
3. | Благодат вам и мир од Бог, нашиот Татко, и од Господ Исус Христос. |
4. | Секогаш Му благодарам на својот Бог за вас, за Божјата благодат што ви е дадена во Христос Исус, |
5. | зашто во Него се збогативте во сè, во секој говор и секое знаење, |
6. | како што и Христовото сведоштво се утврди во вас, |
7. | така што да не ви недостига ниеден дар, чекајќи го нестрпливо откровението на нашиот Господ Исус Христос; |
8. | Кој ќе ве утврдува докрај, за да бидете беспрекорни во денот на нашиот Господ Исус Христос. |
9. | Bерен е Бог, преку Кого сте повикани во заедништво со Неговиот Син, Исус Христос, нашиот Господ. |
10. | Браќа, ве молам во името на нашиот Господ Исус Христос, сите да зборувате исто и да нема раздори меѓу вас, туку да бидете совршено соединети во еден ум и во една мисла. |
11. | Имено, браќа мои, домашните на Хлое ми јавија дека меѓу вас има препирки. |
12. | Со ова сакам да кажам дека секој од вас зборува: 'Јас сум Павлов', 'Јас сум Аполосов', 'Јас пак Кифин', а 'Јас Христов'. |
13. | Дали Христос се раздели? Дали Павле беше распнат за вас? Bо Павлово ли име бевте крстени? |
14. | Му благодарам на Бог, што никого од вас не крстив, освен Крисп и Гај, |
15. | за да не рече некој дека сте крстени во моето име. |
16. | Го крстив уште и Стефановиот дом; натаму не знам дали сум крстил некој друг. |
17. | Зашто Христос не ме испрати да крштавам, туку да го проповедам Евангелието, не со говорничка мудрост - за Христовиот крст да не го изгуби своето значење. |
18. | Зашто, словото за крстот е безумство за оние кои гинат, а за нас кои се спасуваме, Божја сила, |
19. | зашто е напишано: "Ќе ја уништам мудроста на мудрите и ќе го отфрлам разумот на умните." |
20. | Каде е мудрецот? Каде е законикот? Каде е толкувачот на овој век? Не ја претвори ли Бог мудроста на светов во безумие. |
21. | Зашто, откако при Божјата мудрост светот не Го позна Бог, Негова волја беше преку безумството на проповедањето да ги спаси оние кои веруваат. |
22. | Зашто Евреите бараат знаци, а Грците се стремат кон мудрост, |
23. | но ние Го проповедаме распнатиот Христос, Кој е камен на сопнување за Евреите и безумство за народите, |
24. | а за повиканите, како Евреи така и Грци, Христос, Божјата сила и Божјата мудрост. |
25. | Зашто безумното од Бог, помудро е од луѓето, и немоќното од Бог, помоќно е од луѓето. |
26. | Браќа, земете го предвид вашето призвание, дека немаше многумина мудри по тело, немаше многумина силни, ниту многумина од благороден род, |
27. | но, Бог го избра она што е безумно во светот, за да ги посрами мудрите; она што е немоќно во светот, Бог го избра за да ги посрами силните; |
28. | и она што е ништожно, што е презрено во светот и она што се смета за ништо, Бог го избра за да го поништи она што е нешто, |
29. | за да не може ниту еден да се фали пред Бог. |
30. | Преку Него сте и вие во Христос Исус, Кој ни стана мудрост од Бог, праведност, осветување и откуп, |
31. | токму како што е напишано: "Кој се фали, во Господ да се фали!" |
1Corinthians (1/16) → |