← 1Chronicles (18/29) → |
1. | Потоа Давид ги порази Филистејците и ги покори, па го презеде Гет и нему потчинетите градови од рацете на Филистејците. |
2. | Тој ги порази и Моавците, и Моавците станаа робови на Давида и му даваа данок. |
3. | Давид го порази и сувскиот цар Адраазар во Емат, кога тој одеше да ја утврди власта своја при реката Еуфрат. |
4. | И зеде Давид од него иљада коли, седум иљади коњаници и дваесет иљади пешаци; и ги уништи Давид сите коли, оставајки од нив само сто. |
5. | Дамаските Сиријци сакаа да му дојдат на помош на сувскиот цар Адраазара, но Давид порази двесте и две иљади Сиријци. |
6. | Давид постави стража во Сирија Дамаска, и Сиријците му станаа на Давида робови и му плакаа данок. Така му помагаше Господ на Давида секогаш, каде и да одеше. |
7. | Давид ги одзеде златните штитови, што ги носеа Адраазаровите слуги, и ги донесе во Ерусалим. |
8. | А од Метавет и од избраните Адраазарови градови, Давид однесе мошне многу бакар. Од него Соломон ги направи бакарното море и столбовите, и бакарните садови. |
9. | Кога чу за тоа ематскиот цар Тоа, дека Давид ја поразил целата војска на сувскиот цар Адраазар, |
10. | го испрати синот свој Адурама при царот Давида, да го поздрави и да му благодари, поради тоа што војувал со Адраазара и го поразил - зашто Тоа беше во војна со Адраазара, - и по него испрати секакви садови златни, сребрени и бакарни. |
11. | Царот Давид му ги посвети на Господа, заедно со среброто и златото, што го беше одзел од сите народи: Идумејците, Моавците, Амонитите, Филистејците и Амаликијците. |
12. | И Саруевиот син Авеса во Солената Долина порази осумнаесет иљади Идумејци; |
13. | и постави во Идумеја стража, и сите Идумејци му станаа робови на Давида. Господ му помагаше на Давида секогаш, каде и да одеше. |
14. | И царуваше Давид на сиот Израил и делеше суд и правда на сиот народ свој. |
15. | Јоав, Саруевиот син, беше војвода над војската, а Јосафат, Ахилудовиот син - летописец, |
16. | Садок, синот Ахитов, и Авимелех, синот Авијатаров, беа свештеници, а Суса - писар, |
17. | Ванеја, синот Јодаев, беше над Хетејците и Фелетејците, додека синовите Давидови беа први при царот. |
← 1Chronicles (18/29) → |