Titus (3/3)    

1. Напомнувај им да им се покоруваат на управителите и властите, да бидат покорни и подготвени за секое добро дело;
2. никого да не хулат, да бидат благородни, да не се препираат, покажувајќи секаква кроткост кон сите луѓе.
3. Зашто и ние бевме некогаш неразумни, непокорни, измамени, робови на разни страсти и задоволства, минувајќи го животот во злоба и завист, исполнети со омраза и мразејќи се еден со друг.
4. Но кога се појави добрината на Бог, нашиот Спасител, и Неговата љубов за целото човештво,
5. нè спаси не врз основа на праведните дела што сме ги направиле ние, туку по Својата милост, преку капењето на новораѓањето и обновувањето преку Светиот Дух,
6. Кого богато Го излеа на нас преку Исус Христос, нашиот Спасител,
7. та оправдани преку Неговата благодат, да станеме наследници според надежта на вечниот живот.
8. Ова е веродостојно слово, и сакам ова да го говориш со увереност, та оние што поверувале во Бог да се стремат да вршат добри дела. Тоа е добро и полезно за луѓето.
9. А избегнувај ги глупавите распрашувања, родословијата, расправиите и препирките во однос на Законот, зашто се неполезни и безвредни.
10. Избегнувај човек еретик, по првото и второто предупредување,
11. знаејќи дека таквиот човек се изопачил и дека греши, и се осудил самиот себеси.
12. Кога ќе го пратам кај тебе Артема или Тихик, настојувај да дојдеш кај мене во Никопол, зашто решив зимата да ја поминам таму!
13. Грижливо снабди ги за пат законикот Зена и Аполос, за да имаат сè што им треба!
14. И нашите нека се учат да се зафаќаат со добри дела, за да ги задоволат неопходните потреби, за да не бидат бесплодни.
15. Те поздравуваат сите што се со мене. Поздрави ги оние кои нè љубат во верата. Благодат со сите вас!

  Titus (3/3)