Titus (1/3)  

1. Павле, Божји слуга и апостол на Исус Христос, според верата на оние кои се избрани од Бог и познавањето на вистината која е според побожноста,
2. со надеж за вечен живот што пред вечни времиња го вети Бог, Кој не може да лаже,
3. а во свое време го објави Своето Слово преку навестувањето, што ми е доверено мене според заповедта на Бог, нашиот Спасител - до Тит, моето вистинско чедо по заедничката вера:
4. благодат, милост и мир од Бог Таткото и Господ Исус Христос, нашиот Спасител.
5. Затоа те оставив на Крит, за да го средиш недовршеното и за да поставиш старешини по сите градови, како што ти наложив:
6. ако некој е непорочен, маж на една жена, ако има деца кои веруваат, кои не се обвинети заради разузданост или непокорност;
7. зашто надзорникот како Божји управител треба да биде непорочен, не самоволен, не гневлив, не пијаница, не тепач, не алчен за нечиста добивка,
8. туку гостољубив, љубител на доброто, разумен, праведен, свет, воздржлив,
9. кој се држи цврсто за веродостојното слово, кое е сходно со учењето, за да може и да поттикнува во здравото учење и да ги изобличува оние кои се противат.
10. Имено, има многу непокорни луѓе, празноречиви и измамници, особено од обрежаните,
11. на кои треба да им се затвори устата, зашто тие заради нечиста печалба растураат цели семејства, поучувајќи го она што не треба.
12. Еден од нив, нивни сопствен пророк, рече: "Криќаните секогаш се лажливци, зли ѕверови и мрзливи лапачи!"
13. Ова сведоштво е вистинито. Затоа искарај ги строго, за да бидат здрави во верата,
14. за да не им обрнуваат внимание на еврејските сказни и заповедите на луѓето кои ја изопачуваат вистината.
15. За чистите сè е чисто; а за оние кои се осквернети и кои не веруваат, ништо не е чисто, туку осквернети им се и разумот и совеста.
16. Исповедаат дека Го познаваат Бог, но Го одрекуваат со делата, и се одвратни, непослушни и неподобни за какво да било добро дело.

      Titus (1/3)