Romans (9/16)  

1. Ја зборувам вистината во Христос, не лажам, мојата совест ми сведочи во Светиот Дух,
2. дека ми е многу жал и дека имам непрестајна болка во срцето.
3. Би сакал да бидам самиот како проколнат, одвоен од Христос, поради моите браќа, сродни по тело,
4. кои се Израелци, на кои им припаѓаат посинувањето, славата, заветите, на кои им беше даден Законот, службата и ветувањата;
5. чии се и татковците од кои потекнува и Христос по тело, Кој е Бог над сите, благословен во вечни векови! Амин.
6. Но не треба да се мисли дека изневерило Божјото слово, зашто не сите што водат потекло од Израел, се вистински Израелци,
7. ниту сите се Авраамови деца, со тоа што се негово потомство, туку "Твоето потомство ќе се нарече по Исак".
8. Тоа значи дека сите деца по тело не се Божји деца, туку децата на ветувањето се сметаат за потомство.
9. А словото на ветувањето е ова: "Ќе дојдам во тоа време, а Сара ќе има син."
10. Но не само тоа, туку и на Ребека, која зачна од еден, од нашиот татко Исак,
11. иако уште близнаците не беа ни родени, и не беа направиле ништо добро или зло, за да остане онака како што Бог беше определил по свој избор, да не зависи од делата, туку од Оној Кој повикува,
12. и беше речено: "Постариот ќе му служи на помладиот";
13. токму како што е напишано: "Јаков го засакав, а Исав го замразив."
14. И така, што да речеме? Има ли неправда кај Бога? Никако!
15. Зашто Тој му вели на Мојсеј: "Ќе му се смилувам на оној спрема кого имам милост и ќе го сожалам оној спрема кого имам сожаление."
16. Според тоа, не зависи од оној што сака, ниту од оној што трча, туку од милостивиот Бог.
17. Зашто Писмото му вели на фараонот: "Те издигнав за да ја покажам Мојата сила во тебе и за да се разгласи Моето име по целата земја."
18. Значи, Тој има милост спрема кого сака, и го закоравува кого сака.
19. А сега, ти ќе Ми речеш: "Тогаш, зошто сè уште бара грешки? Зашто, кој може да и се противи на Неговата волја?"
20. Та кој си ти, човече, да се расправаш со Бог? Зар ракотворбата ќе му рече на својот творец: "Зошто вака си ме направил?"
21. Или зар грнчарот нема право над глината, од истата смеса да направи еден сад за почесна, а друг за секојдневна употреба?
22. А што ако Бог, иако сака да го покаже Својот гнев и да ја пројави Својата моќ, со големо трпение, ги трпи садовите на гневот, приготвени за погибел,
23. за да ги пројави истовремено богатствата на Својата слава над садовите на милоста, што однапред ги приготвил за слава,
24. па како такви, нè повика и нас, не само од Евреите, туку и од неевреите?
25. Како што вели преку Осија: "Народ кој не е Мој народ, ќе го наречам Свој; и онаа која не е сакана, ќе ја наречам сакана."
26. Така ќе се случи таму каде што им беше речено: "'Bие не сте Мој народ', таму ќе бидат наречени синови на живиот Бог."
27. А Исаија извикува за Израел: "Иако бројот на израеловите синови е колку морскиот песок, само Остатокот ќе биде спасен,
28. зашто Господ ќе го спроведе Својот збор на земјата, и брзо ќе го исполни."
29. И како што прорече Исаија: "Ако Господ над војските не ни оставеше потомство, ќе бевме како Содом и ќе заприлегавме на Гомора."
30. И така, што да кажеме? Останатите народите кои не се стремеа кон праведност, добија праведност, и тоа праведност која е по вера;
31. а Израел, иако се стремеше кон законот на праведноста, не стигна до законот.
32. Зошто? Затоа што не настојуваше да го постигне со вера, туку со дела. Тие се препнаа од каменот за сопнувањето,
33. токму како што е напишано: "Еве, на Сион поставувам камен за сопнување и карпа на соблазна; и кој верува во Него, нема да се посрами."

  Romans (9/16)