Romans (8/16)  

1. Затоа, сега нема осуда за оние кои се во Христос Исус.
2. Зашто законот на Духот на животот во Христос Исус ве ослободи од законот на гревот и на смртта,
3. зашто она што не можеше да го стори законот, бидејќи беше слаб заради телото, го изврши Бог! Испраќајќи Го Својот Син во облик сличен на грешното тело и поради грев, го осуди гревот во телото,
4. за да се исполни барањето на Законот во нас кои не одиме по телото, туку по Духот.
5. Така, оние што се телесни, се стремат кон телесното, додека оние што се духовни, кон она што е на Духот,
6. бидејќи мудрувањето на телото е смрт, а мудрувањето на Духот е живот и мир;
7. зашто мудрувањето на телото е непријателство против Бог, бидејќи не му се покорува на Божјиот закон, ниту пак може,
8. а оние кои се по тело, не можат да Му угодат на Бог.
9. Но вие не сте телесни, туку духовни, ако Божјиот Дух навистина живее во вас. Но, ако некој Го нема Христовиот Дух, не е Негов.
10. А ако е Христос во вас, тогаш телото е мртво заради гревот, а духот е жив заради праведноста.
11. Ако во вас живее Духот на Оној Кој Го воскресна Исуса од мртвите; тогаш Оној Кој Го воскресна Христос Исус, ќе ги оживее и вашите смртни тела преку Својот Дух Кој живее во вас.
12. Според тоа, браќа, не сме му должници на телото, за да живееме по телото,
13. зашто, ако живеете по телото, ќе умрете; но ако преку Духот ги умртвувате делата на телото, ќе живеете.
14. А сите оние кои ги води Божјиот Дух, се Божји синови.
15. Bпрочем, не примивте дух на ропство за да бидете пак во страв, туку го примивте Духот на посинувањето, преку кој викаме: "Аба! Татко!"
16. Самиот Дух сведочи заедно со нашиот дух дека сме Божји чеда.
17. А ако сме чеда, тогаш сме и наследници, Божји наследници, и Христови сонаследници - ако страдаме со Него, со Него и да бидеме прославени.
18. Сметам дека страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славата која ќе ни се открие нам.
19. Зашто созданието со нестрплив копнеж го очекува откривањето на Божјите синови.
20. Имено, созданието и беше потчинето на суетата, не доброволно, туку поради Оној кој го потчини, во надеж
21. дека и самото создание ќе биде ослободено од ропството на распаѓањето, во слободата на славата на Божјите деца.
22. А, знаеме дека целото создание сè досега стенка и страда во породилни маки.
23. И не само тоа, туку и ние самите, имајќи ги првите плодови на Духот, ние самите стенкаме во себе, чекајќи го желно посинувањето, избавувањето на нашето тело.
24. Зашто ние, во надеж сме спасени, а надежта која се гледа не е надеж; зошто човек да се надева на она што го гледа?
25. Но ако се надеваме на она што не го гледаме, тогаш го чекаме со нетрпение.
26. Исто така и Духот им помага на нашите слабости, зашто ние не знаеме да се молиме, како што треба; самиот Дух посредува за нас со неискажливи воздишки.
27. А Оној Кој ги испитува срцата, знае што мисли Духот, бидејќи Тој посредува за светиите според Божјата волја.
28. И знаеме дека сè содејствува за доброто на оние кои Го љубат Бога, на оние кои се повикани по Неговата намера.
29. Зашто оние кои ги познаваше однапред, нив и ги предопредели да се преобразат според ликот на Неговиот Син, за Тој да биде првороден меѓу многуте браќа.
30. Оние кои ги предопредели, нив и ги повика, а оние кои ги повика, нив и ги оправда, а оние кои ги оправда, нив и ги прослави.
31. И така, што да речеме на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе биде против нас?
32. Оној Кој не Го поштеди ни сопствениот Син, туку Го предаде за сите нас, како не ќе ни подари и сè друго заедно со Него?
33. Кој ќе ги обвини Божјите избраници? Бог е Тој што ги оправдува!
34. Кој е тој што ќе ги осуди? Дали Христос Исус, Кој умре, и згора на тоа воскресна, Кој е од десната страна на Бог и Кој се зазема за нас?
35. Кој ќе нè одвои од Христовата љубов? Невола ли, или мака, или прогонство, или глад, или голотија, или гибел или меч?
36. Токму како што е напишано: "Заради Тебе везден нè убиваат, нè сметаат како овци за клање."
37. Но во сето ова победуваме надмоќно преку Оној Кој нè засака.
38. Зашто уверен сум дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни силите,
39. ни височината, ни длабочината, ниту кое-годе друго создание, не ќе може да нè одвои од Божјата љубов, која е во Христос Исус, нашиот Господ.

  Romans (8/16)