Romans (7/16)  

1. Или не знаете ли, браќа (им зборувам на оние, кои го познаваат законот), дека законот има власт над човекот додека е жив?
2. Зашто, омажената жена, преку закон е врзана за мажот, додека е тој жив, но ако мажот умре, слободна е од законот што се однесува до мажот.
3. Според тоа, ако му стане жена на друг додека нејзиниот маж е жив, ќе биде прељубница; но ако мажот и умре, слободна е од законот и не е прељубница дури и да се омажи за друг.
4. Така и вие, браќа мои, умртвени сте за Законот преку Христовото тело, за да Му припаднете на Друг, на Оној Кој воскресна од мртвите, за да Му донесеме плод на Бог.
5. Зашто, додека бевме во телото, во нашите органи дејствуваа грешни страсти кои Законот ги побудуваше, па така донесувавме плодови на смртта.
6. А сега, се ослободивме од Законот, откако умревме за она што нè потчинуваше, за да служиме во новоста на Духот, а не во староста на буквата.
7. И така, што да речеме? Дали е Законот грев? Никако! Напротив, немаше да дојдам до запознавање на гревот освен преку Законот, зашто не ќе знаев да посакам туѓо, ако Законот не речеше: "Не посакувај туѓо!"
8. А гревот, откако најде можност во заповедта, предизвика во мене похота од секаков вид, зашто без Законот - гревот е мртов.
9. И јас живеев некогаш без Законот; но кога дојде заповедта, гревот оживе, а јас умрев,
10. и се покажа дека заповедта, што беше дадена за живот, ме водела во смрт.
11. Имено, гревот, откако доби можност во заповедта, ме измами и ме уби преку неа.
12. Затоа Законот е свет и заповедта е света, праведна и добра.
13. Дали тоа значи дека доброто стана смрт за мене? Никако! Туку гревот, за да се покаже како грев, се послужи со доброто и ја предизвика мојата смрт, па така гревот стана, со посредство на заповедта, прекумерно грешен.
14. Зашто знаеме дека Законот е духовен, а јас сум телесен, продаден на гревот.
15. Она што го правам, не го разбирам, бидејќи не го правам она што го сакам, туку го правам токму она што го мразам.
16. Ако пак го правам она што не го сакам, се согласувам со Законот дека тој е добар.
17. Значи, не сум јас оној што го прави тоа, туку гревот, кој живее во мене.
18. Имено, знам дека никакво добро не живее во мене, односно во моето тело, зашто желба за добро има во мене, но не и сила за да го правам тоа.
19. Доброто што го сакам не го правам, туку го правам злото, што не го сакам.
20. А ако го правам она што не го сакам, не го правам веќе јас, туку гревот кој живее во мене.
21. И така, откривам еден закон кој е во мене, кој кога сакам да правам добро - злото е присутно.
22. Bистина, се сложувам со мојот внатрешен човек дека наоѓам наслада во Божјиот Закон,
23. но, гледам друг закон во моите органи, кој војува против законот на мојот ум и ме заробува под законот на гревот што е во моите органи.
24. Беден човек сум јас! Кој ќе ме спаси од ова смртно тело!
25. Му благодарам на Бог, преку Исус Христос, нашиот Господ! И така, јас самиот со умот му служам на Божјиот закон, а со телото на законот на гревот.

  Romans (7/16)