Romans (6/16)  

1. И така, што да речеме? Да продолжиме ли и натаму во гревот, за да може да се умножи благодатта?
2. Никако! Ние, кои умревме за гревот, како ќе живееме уште во него?
3. Или зар не знаете дека сите ние кои сме крстени во Христос Исус, крстени сме во Неговата смрт?
4. И така, преку крштавањето во смртта, погребани сме заедно со Него, та како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Таткото, така и ние да одиме во нов живот.
5. Зашто ако се сплотивме со Него во смртта слична на Неговата, секако ќе бидеме - и во Неговото воскресение.
6. Знаеме дека нашиот стар човек беше распнат со Него, за да биде онемоштено грешното тело, та да не му робуваме веќе на гревот,
7. зашто оној што е умрен, ослободен е од гревот.
8. А ако умревме со Христос, веруваме дека и ќе живееме со Него,
9. зашто знаеме дека Христос Кој воскресна од мртвите, никогаш нема повторно да умре; смртта нема веќе власт над Него.
10. Зашто, смртта со која умре - умре за гревот, еднаш засекогаш, а животот што го живее - го живее за Бог.
11. Така и вие, сметајте се себеси мртви за гревот, но живи за Бог во Христос Исус!
12. Затоа не дозволувајте гревот да царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на неговите похоти!
13. И не давајте му ги органите на вашето тело на гревот како оружје на неправедноста, туку предавајте Му се себеси на Бог, како оживеани од мртвите, а вашите органи на Бог како оружје на праведноста!
14. А гревот не ќе има веќе власт над вас, зашто не сте под законот, туку под благодатта.
15. И што сега? Да грешиме ли, затоа што не сме под законот, туку под благодатта? Никако!
16. Не знаете ли дека ако некому му се предадете како робови за послушност, робови сте му на оној кому му се покорувате; или на гревот - за смрт, или на послушноста - за праведност?
17. Но Му благодарам на Бог, зашто вие, иако му бевте робови на гревот, му станавте послушни од сè срце на учењето на кое му се предадовте,
18. и откако бевте ослободени од гревот, и станавте рабови на праведноста.
19. Зборувам со човечки изрази заради немоќта на вашето тело. И како што некогаш ги предадовте вашите органи да им робуваат на нечистотата и на беззаконието, за беззаконие, така сега предадете ги вашите органи да и робуваат на праведноста, за осветување!
20. Зашто, кога бевте робови на гревот, бевте слободни од праведноста.
21. И каква полза имавте тогаш од оние работи заради кои се срамите денес, зашто нивниот исход е смртта!
22. Но сега, откако сте ослободени од гревот и станавте робови на Бог - го имате вашиот плод - осветувањето, и крајниот исход вечен живот.
23. Зашто заслуженото за гревот е смрт, но бесплатниот дар од Бога е вечен живот во Христос Исус, нашиот Господ.

  Romans (6/16)