Romans (5/16)  

1. И така, бидејќи сме оправдани преку вера, имаме мир со Бог, преку нашиот Господ Исус Христос,
2. преку Кого - по вера - имаме пристап во оваа благодат во која стоиме, и се фалиме со надежта на Божјата слава.
3. Но не само тоа, туку се фалиме и со неволите, знаејќи дека неволата раѓа трпение;
4. трпението - проверен карактер, а проверениот карактер - надеж;
5. а надежта пак не разочарува, зашто Божјата љубов веќе е излеана во нашите срца преку Светиот Дух, Кој ни беше даден.
6. Зашто, додека уште бевме беспомошни, во определено време, Христос умре, за безбожниците.
7. За праведник одвај некој ќе умре, а за добар човек можеби некој и ќе се осмели да умре.
8. Но Бог ја покажува Својата љубов спрема нас, со тоа што Христос умре за нас додека уште бевме грешници.
9. А сега, откако сме оправдани во Неговата крв, преку Него многу повеќе ќе бидеме спасени од Божјиот гнев.
10. Зашто ако бевме помирени со Бог преку смртта на Неговиот Син, додека бевме уште непријатели, колку повеќе, сега помирени, ќе бидеме спасени преку Неговиот живот.
11. И не само тоа, туку и се фалиме во Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого сега добивме помирување.
12. И, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот - смртта, така смртта премина на сите луѓе, бидејќи сите згрешија.
13. Зашто, гревот беше во светот уште пред Законот; но грев не се припишува кога нема Закон.
14. Смртта, пак, царуваше од Адам до Мојсеј, дури и над оние кои не згрешија со сличен престап како Адам, кој е претслика на Оној што требаше да дојде.
15. Но бесплатниот дар не е како престапот; зашто ако преку престапот на еден изумреа мнозина, многу поизобилно се излеа на мнозина Божјата благодат и дарот преку благодатта на еден човек, Исус Христос.
16. А дарот не е како она што се случи кога згреши еден; зашто пресудата произлезе од еден престап кој доведе до осуда, а бесплатниот дар произлезе од многу престапи и води до оправдување.
17. Зашто, ако смртта зацари заради престапот на еден, тогаш многу повеќе оние кои го примаат изобилството на благодатта и дарот на праведноста ќе царуваат во животот преку Единствениот, Исус Христос.
18. И така, како што преку еден престап дојде осудување на сите луѓе, така и преку едно дело на праведност за сите луѓе дојде оправдувањето кое донесува живот.
19. Зашто, како што со непослушноста на еден човек мнозина станаа грешници, така и со послушноста на Еден, мнозина ќе станат праведни.
20. А Законот дојде за да се зголеми престапот, но каде што гревот се зголеми, таму благодатта стана уште поизобилна,
21. та како што гревот царуваше во смртта, така и благодатта да царува преку праведност за вечен живот, преку нашиот Господ Исус Христос!

  Romans (5/16)