Romans (4/16)  

1. И така, што да речеме, што добил по тело нашиот прататко Авраам?
2. Зашто, ако е Авраам оправдан по дела, има за што да се фали, но не пред Бога!
3. Но, што вели Писмото: "Авраам Му поверува на Бог и тоа му се припиша за праведност."
4. А на оној што работи, заработката не му се смета како милост, туку како долг;
5. додека на оној кој не работи, а верува во Оној Кој го оправдува безбожникот, неговата вера му се смета како праведност,
6. исто како што и Давид го нарекува благословен човекот кому Бог без дела му припишува праведност:
7. "Блажени се оние чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени!
8. Блажен е човекот, кого Господ за грев не го обвинува!"
9. Дали благословот се однесува само на обрежаните, или и на необрежаните? Зашто ние велиме: "На Авраам верата му се припиша за праведност."
10. А кога му се припиша? Кога беше обрежан или кога беше необрежан? Не кога беше обрежан, туку кога беше необрежан.
11. И го прими знакот на обрежувањето како печат на праведноста што ја доби преку верата што ја имаше како необрежан, за да им биде татко на сите кои веруваат, а не се обрежани; та и ним тоа да им се припише како праведност,
12. и да им биде татко на обрежаните, но не на оние кои само се обрежани, туку кои одат и по стапките на верата на нашиот татко Авраам, што ја имаше додека уште беше необрежан.
13. Bпрочем, ветувањето на Авраам или на неговото потомство дека ќе биде наследник на светот, не дојде преку Законот, туку преку праведноста на верата.
14. Имено, ако се наследници само оние од Законот, тогаш нема потреба од вера, а ветувањето е поништено,
15. зашто законот донесува гнев; а каде што нема закон, нема ни престап!
16. Затоа оправданието е од вера, за да биде по благодат, за ветувањето да му биде сигурно на сето потомство, не само на оние од Законот, туку и на оние од верата на Авраам, кој е татко на сите нас
17. (како што е напишано: "Те направив татко на многу народи") пред Бог, Кому Му поверува, Кој ги оживува мртвите и она што не постои го повикува во постоење.
18. Иако не постоеше надеж, тој се надеваше и поверува дека ќе стане татко на многу народи, според она што е речено: "Такво ќе биде твоето потомство."
19. И не ослабувајќи во верата кога го имаше предвид своето веќе безживотно тело, зашто беше на околу сто години, и безживотноста на Сарината утроба,
20. а почитувајќи го Божјото ветување, не скршна во невера, туку закрепна во верата и Му оддаде слава на Бог,
21. наполно уверен дека она што Тој го ветил, може да го исполни.
22. Затоа тоа му се припиша за праведност.
23. Но не е напишано само заради него "дека му се припиша"
24. туку и заради нас, на кои ќе ни се припише, затоа што веруваме во Оној Кој Го воскресна од мртвите Исуса, нашиот Господ,
25. Кој беше предаден за нашите престапи и беше воскреснат за наше оправдување.

  Romans (4/16)