Romans (3/16)  

1. И така, каква предност има Евреинот? Или, каква е ползата од обрежувањето?
2. Голема, во секој поглед. Пред сè, ним им се доверени Божјите зборови!
3. Па што! Ако некои не поверуваа, зар нивното неверување ќе ја уништи Божјата верност?
4. Никако! Но, Бог нека биде вистинит, а секој човек лажливец, како што е напишано: "Да бидеш оправдан во зборовите свои и да победиш кога ќе бидеш суден."
5. Ако нашата неправедност ја истакнува Божјата праведност, што да речеме? Дали е Бог неправеден кога изразува гнев? (човечки зборувам).
6. Никако! Инаку, како би можел Бог тогаш да му суди на светот?
7. Зашто, ако преку мојата лага се покаже уште повозвишена Божјата вистина за Неговата слава, зошто ми се суди уште како на грешник?
8. "Зошто да не правиме зло, за да произлезе добро?" (како што нè клеветат некои и велат за нас дека ние зборуваме така?) Нивната осуда е праведна.
9. Што тогаш? Дали сме подобри од нив? Секако не, зашто веќе ги обвинивме и Евреите и Грците, дека сите се под грев,
10. како што е напишано: "Нема никој праведен, нема ниту еден;
11. Нема разумен, нема ниту еден кој Го бара Бога;
12. Сите скршнаа, сите заедно станаа бескорисни, никој не прави добро, нема ниту еден."
13. Нивното грло е отворен гроб, мамат со јазиците; змиски отров има под нивните усни.
14. Устата им е полна со клевета и горчина.
15. Нозете им се брзи за пролевање крв;
16. Пустошење и беда има по нивните патишта;
17. Тие не го познаваат патот на мирот.
18. Нема пред нивните очи стравопочит кон Бога."
19. А знаеме дека сè што вели Законот, им го зборува на оние кои се под Законот, за да занеми секоја уста и за сиот свет да биде под осуда,
20. бидејќи со делата на Законот ниту еден нема да се оправда пред Него, зашто преку Законот доаѓа познавањето на гревот.
21. А сега, независно од Законот, се јави Божјата праведност, за која сведочат Законот и пророците,
22. и тоа Божјата праведност, преку вера во Исус Христос, за сите кои веруваат, зашто нема разлика.
23. Зашто сите згрешија и лишени се од Божјата слава,
24. а се оправдани дарум од Неговата благодат, преку откупот кој е во Христос Исус,
25. Кого Бог јавно Го изложи како жртва на измирување во Неговата крв преку вера, за да се покаже Неговата праведност, бидејќи заради Божјото трпение Тој преминува преку поранешните гревови,
26. за да ја покаже Својата праведност во сегашноста, за Самиот да биде праведен и за да го оправда оној кој верува во Исус.
27. И така, каде е тогаш пофалбата? Исклучена е. Според кој закон? Дали според законот на делата ? Не, туку според законот на верата.
28. Затоа, ние сметаме дека човекот е оправдан преку верата, без делата на Законот.
29. Дали Бог е Бог само на Евреите? Не е ли и на неевреите? Да, и на неевреите,
30. зашто истиот Бог е Тој кој ќе ги оправда обрежаните по вера и необрежаните преку вера.
31. Според тоа, го укинуваме ли Законот преку верата? Никако! Напротив, со тоа го утврдуваме Законот.

  Romans (3/16)