Romans (2/16)  

1. Затоа немаш оправдание човеку, ти кој судиш, кој и да си, зашто судејќи го другиот, самиот се осудуваш, бидејќи ти кој судиш, го вршиш истото.
2. А знаеме дека Божјиот суд праведно се излева врз оние кои прават такви работи.
3. Мислиш ли, о човеку, ти кој им судиш на оние кои прават такви работи, а истото го правиш и самиот, дека ќе го избегнеш Божјиот суд?
4. Ги презираш ли богатството на Неговата добрина, воздржливоста и долгата трпеливост, не знаејќи дека Божјата добрина те води кон покајание?
5. Но поради твојата закоравеност и непокајаното срце, самиот собираш гнев врз себе за денот на гневот кога ќе се открие Божјиот праведен суд,
6. којшто ќе му даде секому според неговите дела:
7. на оние кои со истрајност прават добро и бараат слава, чест и нераспадливост - вечен живот,
8. а на оние кои мислат само на себе и не и се покоруваат на вистината, туку и се покоруваат на неправедноста - гнев и јарост.
9. Невола и мака ќе ја снајде секоја човечка душа која прави зло; најпрвин на Евреин, а потоа и на Грк,
10. а слава, чест и мир на секој оној кој прави добро; најпрвин на Евреин, а потоа и на Грк!
11. Бидејќи Бог не гледа кој е кој.
12. Зашто сите кои згрешиле без Закон, без Закон и ќе загинат, а сите кои згрешиле под Закон, според Законот ќе бидат осудени.
13. Бидејќи пред Бог не се праведни оние кои само го слушаат Законот, туку ќе бидат оправдани оние кои се извршители на Законот.
14. Зашто кога неевреите, кои немаат Закон, го исполнуваат по природа она што го бара Законот; тогаш оние кои немаат Закон, сами за себе се закон.
15. Со тоа покажуваат дека делото на Законот е напишано во нивните срца, за што сведочи нивната совест, а во нив мислите ги осудуваат или оправдуваат,
16. за денот, кога според моето Евангелие, Бог преку Исус Христос, ќе ги суди човековите тајни.
17. Ако ти, кој се нарекуваш Евреин кој се потпираш на законот и се фалиш со Бог,
18. кој ја знаеш Неговата волја и, поучен од законот, знаеш да го избереш подоброто
19. и си уверен дека си самиот водач на слепи, светлина за оние кои се во темнина,
20. воспитувач на неразумните, учител на незрелите, затоа што имаш во законот отелотворување на знаењето и вистината;
21. ти, кој поучуваш друг, зарем не се поучуваш самиот себе? Ти, кој проповедаш да не се краде, зарем не крадеш?
22. Ти, кој зборуваш да не се прави прељуба, зарем не вршиш прељуба? Ти, кој се гнасиш од идолите, зарем не ограбуваш храмови?
23. Ти, кој се фалиш со Законот, зарем не Го срамотиш Бога со престапување на Законот?
24. "Затоа заради вас се хули Божјото име меѓу другите народи" - токму како што е напишано.
25. Навистина, обрежувањето има своја вредност ако го исполнуваш Законот, но ако си престапник на Законот, твоето обрежување станува необрежување.
26. И така, ако необрежаниот ги исполнува барањата на Законот, нема ли неговото необрежување да му се смета за обрежување?
27. И така, нема ли оној кој не е телесно обрежан, а го исполнува Законот да ти суди тебе, кој си престапник на Законот и покрај тоа што го имаш словото на Законот и обрежувањето?
28. Зашто не е Евреин оној кој е тоа надворешно, ниту е вистинско обрежување она што е надворешно, на телото.
29. Евреин е оној кој е тоа однатре, а вистинското обрежување е во срцето, во Духот, а не во буквата. Пофалба не му доаѓа од луѓето, туку од Бог.

  Romans (2/16)