Romans (15/16)  

1. Ние, силните, должни сме да ги носиме слабостите на слабите, а не да се однесуваме како што нам ни годи.
2. Секој од нас нека се грижи да му угоди на ближниот, за негово надградување,
3. зашто ни Христос не Си угодуваше Сам на Себеси, туку како што е напишано: "Хулите на оние кои Те хулеа, паднаа на Мене."
4. И сè што било напишано некогаш, напишано ни е нам за поука, за да имаме надеж преку трпението и преку утехата од Писмата.
5. А Бог на трпението и утехата нека ви даде едномисленост меѓу вас според Исус Христос,
6. за да Го славите еднодушно и едногласно, Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос.
7. Затоа прифатете се еден со друг, како што и Христос ве прифати за Божја слава!
8. Зашто јас велам дека Христос стана слуга на обрежувањето поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците;
9. а и за народите да Го прославуваат Бог поради Неговата милосрдност, како што е напишано: "Затоа ќе Те признаам меѓу народите и ќе Му пеам на Твоето име."
10. И пак рече:" Bеселете се, о народи, со Неговиот народ!"
11. И пак: "Славете Го Господа сите народи! Нека Го прославуваат сите луѓе!"
12. И пак Исаија вели: "Ќе се јави подник од Јесеевиот корен, и Оној Кој станува за да владее над народите, во Него ќе се надеваат народите!"
13. А Бог на надежта да ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух да изобилувате во надежта.
14. И јас самиот, браќа мои, уверен сум за вас, дека сте и самите полни со добрина, исполнети со секакво знаење и дека можете да се поучувате еден со друг.
15. Но, за некои работи ви пишав малку послободно, за да ве потсетам дека поради благодатта која ми беше дадена од Бог,
16. за да Му бидам служител на Исус Христос меѓу неевреите, вршејќи света служба за Божјото Евангелие, та неевреите како мој принос да бидат угодни, и осветени преку Светиот Дух.
17. И така, во Христос Исус најдов причина за пофалба во нештата кои се однесуваат на Бог,
18. зашто не се осмелувам да зборувам за нешто друго освен за она што Христос го изврши преку мене, од кое произлезе послушноста на народите преку збор и дело,
19. со силата на знаци и чуда, со силата на Духот, така што од Ерусалим и наоколу, сè до Илирик, наполно го проповедав Христовото Евангелие.
20. Но, при тоа не се стремев да го проповедам Евангелието таму каде што Христовото име веќе беше познато, за да не ѕидам врз туѓ темел,
21. туку како што е напишано: "Ќе Го видат оние на кои ништо не им беше навестено за Него, и ќе разберат оние кои не беа чуле."
22. Заради тоа многупати бев спречен да дојдам кај вас.
23. Но сега, бидејќи веќе немам поле за работа во овие краишта и затоа што копнеам веќе многу години да дојдам кај вас
24. кога ќе одам за Шпанија, се надевам дека ќе ве видам на минување и дека вие ќе ме испратите оттаму, откако најнапред ќе се порадувам малку со вас.
25. А сега одам за Ерусалим за да им послужам на светиите,
26. зашто Македонија и Ахаја од сè срце собраа помош за бедните меѓу светиите во Ерусалим.
27. Навистина, им беше мило да го сторат тоа, а и должни им се; зашто како што неевреите станаа соучесници во нивните духовни богатства, така тие се должни да им послужат во материјалните потреби.
28. Кога ќе го завршам ова и кога ќе им го доставам овој нивни плод, ќе тргнам за Шпанија минувајќи откај вас.
29. А знам дека доаѓајќи кај вас, ќе дојдам со целосен Христов благослов.
30. Покрај тоа, ве молам, браќа, преку нашиот Господ Исус Христос и преку љубовта на Духот, да се борите заедно со мене, молејќи Му се на Бог за мене,
31. за да се избавам од непокорните во Јудеја и за да им биде по волја мојата служба на светиите во Ерусалим,
32. та да можам, по Божја волја, радосно да дојдам кај вас и да се освежам заедно со вас.
33. А Бог на мирот нека е со сите вас, Амин!

  Romans (15/16)