Romans (12/16)  

1. Затоа, браќа, ве молам, заради Божјите милости, да ги принесете вашите тела како жива и света богоугодна жртва. Тоа нека биде ваша разумна служба.
2. Немојте да се сообразувате со овој свет, туку преобразувајте се преку обновувањето на вашиот ум, за да можете да сфатите што е Божја волја, што е добро, угодно и совршено!
3. Зашто, преку благодатта што ми е дадена, му велам на секој еден меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли, туку мислите нека ви бидат насочени кон разумно расудување, според мерата на верата која Бог му ја доделил секому.
4. Имено, како што во едно тело имаме многу органи, а сите органи немаат иста функција,
5. така и ние, кои сме многу, едно тело сме во Христос, а како поединци - органи сме еден на друг.
6. Бидејќи имаме разни дарови, според дадената ни благодат: ако е пророштво, нека е сразмерно со верата;
7. ако е служење, нека се состои во служење; ако е некој учител, нека поучува;
8. ако има дар на утеха, нека утешува! Кој дава, нека дава штедро; кој управува, нека биде ревносен и кој покажува милост, нека го прави тоа со радост!
9. Љубовта нека ви биде нелицемерна; бегајте од злото, држете се за доброто;
10. љубете се еден друг срдечно со братска љубов; натпреварувајте се во почит еден спрема друг;
11. Не заостанувајте во ревноста; бидете горливи во духот, служејќи Му на Господ;
12. радувајте се во надежта, бидете истрајни во невола; постојани во молитва!
13. Помагајте им на светиите според нивните потреби; бидете гостољубиви!
14. Благословувајте ги оние кои ве прогонуваат; благословувајте, и не колнете!
15. Радувајте се со оние што се радуваат и плачете со оние што плачат.
16. Бидете истомисленици едни со други; не бидете надмени, туку дружете се со понизните. Не сметајте се сами себеси мудри.
17. Никому не враќајте зло за зло; стремете се кон она што е добро пред сите луѓе.
18. Ако е можно, доколку зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе;
19. не одмаздувајте се вие, мили мои, туку оставете му можност на Божјиот гнев, зашто е напишано: "Одмаздата е Моја, Јас ќе возвратам!- говори Господ."
20. "Туку, ако твојот непријател е гладен, нахрани го, ако е жеден дај му да пие! Ако направиш така, со вжарени гламни ќе му ја посипеш главата."
21. Не дозволувај да те надвладее злото; туку надвладеј го злото со добро!

  Romans (12/16)