Romans (11/16)  

1. И така, прашувам: "Дали Бог го отфрли Својот народ? Никако! Зашто и јас сум Израелец, од потомството на Авраам, од племето на Бенјамин.
2. Бог не го отфрли Својот народ кого го знаеше однапред. Или не знаете што вели Писмото за Илија, кога Го моли Бога против Израел:
3. "Господи, ги погубија Твоите пророци, ги разурнаа Твоите жртвеници, а јас останав сам, па и мојот живот го бараат."
4. А каков беше Божјиот одговор: "Си оставив за себе седум илјади луѓе кои не се поклонија пред Баал."
5. Така и сега, суштествува еден остаток, избран по благодатта.
6. Но, ако е по благодат, тогаш не е по дела, инаку благодатта не би била веќе благодат.
7. Значи што? Израел не го доби она што го бараше, туку избраните го добија, а останатите беа закоравени,
8. како што е напишано: "Бог им даде дух на мртвило, очи да не гледаат и уши да не слушаат, сè до ден денешен."
9. И Давид зборува: "Нивната трпеза да им биде стапица, мрежа, камен за сопнување и одмазда!
10. Очите нека им се помрачат, за да не гледаат! А плеќите свиткај им ги засекогаш!"
11. Значи, велам: зарем се препнаа за да паднат? Никако! Туку преку нивниот престап им дојде спасение на другите народи, за да бидат самите поттикнати на ревност.
12. Ако нивниот престап значи богатство за светот и нивниот неуспех богатство за другите народи, колку повеќе ќе значи нивната целосност!
13. Но ви зборувам вам, неевреите; бидејќи сум апостол на неевреите, јас ја прославувам мојата служба,
14. та на некој начин да ги поттикнам на ревност моите по тело и да спасам некои од нив.
15. Зашто, ако нивното отфрлање е помирување за светот, што ли ќе биде нивното прифаќање, ако не оживување од мртвите?
16. Ако еден дел е свет, свето е и целото тесто; ако е коренот свет - и гранките се свети.
17. Но ако се откршени некои гранки, а ти, дива маслинка, си накалемен меѓу нив и заедно го користите сочниот корен на маслинката,
18. не фали се пред гранките! Ако се фалиш, знај дека ти не го одржуваш коренот, туку коренот тебе!
19. Ама ќе речеш: "Гранките се откршени, за да бидам јас накалемен!"
20. Токму така! Поради неверието се откршија, а ти стоиш преку твојата вера.
21. Не гордеј се, туку имај страв! Зашто, ако Бог не ги поштедил природните гранки, не ќе те поштеди ни тебе.
22. Следствено, погледај ги Божјата добрина и строгост: строгоста се изразува спрема паднатите, а Божјата добрина спрема тебе, ако истраеш во добрината, зашто инаку и ти ќе бидеш отсечен.
23. А и тие, ако не останат во неверието, ќе бидат накалемени, зашто Бог може пак да ги накалеми.
24. Зашто, ако ти којшто беше отсечен од природната дива маслинка и против природата беше накалемен на питомата маслинка, колку полесно ќе бидат накалемени врз сопствената маслинка оние кои и се природни.
25. Не сакам, браќа, да ви остане непозната оваа тајна, за да не мудрувате по своја мудрост: еден дел на Израел закораве, додека не се исполни бројот на неевреите.
26. И така, целиот Израел ќе биде спасен, како што е напишано: "Избавителот ќе дојде од Сион; Тој ќе ја отстрани безбожноста од Јаков,
27. а тоа е Мојот завет со нив, кога ќе им ги отстранам гревовите."
28. Според Евангелието, тие се непријатели заради вас, но според Божјиот избор, тие се сакани заради татковците;
29. зашто Божјите дарови и Неговото признание се неотповикливи.
30. И вие Му бевте некогаш непокорни на Бог, но сега добивте милост поради нивната непокорност,
31. па така, значи, и тие станаа сега непокорни, и заради милоста која ви се укажа вам и ним исто така може сега да им се укаже милост.
32. Зашто Бог ги стави сите во непокорност, за да покаже милост спрема сите.
33. О длабочино на богатства и на мудрост, и на Божјото знаење! Колку се недостапни Неговите судови и неиспитливи патиштата Негови!
34. Зашто и кој ја запознал Господовата мисла? Или кој Му бил советник?
35. Или кој Му дал нешто однапред, за да му биде вратено?"
36. Зашто сè е од Него, преку Него и за Него. Нему нека Му е слава во вечни векови. Амин!

  Romans (11/16)