Romans (10/16)  

1. Браќа, желбата на моето срце и мојата молитва кон Бог за нив е да бидат спасени.
2. Зашто сведочам за нив дека имаат ревност за Бог, но не според сознанието.
3. Имено, не знаејќи ја Божјата праведност и сакајќи да ја воспостават својата сопствена, не и се покорија на Божјата праведност.
4. Зашто Христос е завршокот на законот за праведноста на секој што верува.
5. Зашто, Мојсеј пишува: "човекот кој врши праведност втемелена врз закон, ќе живее од неа."
6. А праведноста, која е од вера, зборува вака: "Да не речеш во своето срце: 'Кој ќе се искачи на небото?' што значи, да Го симне Христос;
7. или: 'Кој ќе слезе во бездната?' што значи, да Го крене Христос од мртвите!"
8. Но што зборува таа: "Словото е близу до тебе, во твојата уста и во твоето срце," што значи, словото на верата која ние ја проповедаме.
9. Зашто, ако со твојата уста исповедаш дека Исус е Господ и ако во твоето срце поверуваш дека Бог Го воскреснал од мртвите, ќе бидеш спасен.
10. Зашто со срцето се верува за праведност, а со устата се исповедува за спасение,
11. бидејќи Писмото вели: "Секој кој верува во Него, нема да се засрами."
12. И нема разлика меѓу Евреин и Грк, зашто еден ист е Господ на сите, богат за сите кои Го повикуваат,
13. зашто: "Секој, кој ќе го повика Господовото име, ќе биде спасен."
14. Но, како ќе Го повикаат Оној во Кого не поверувале? А како ќе поверуваат во Оној за Кого не чуле? А како ќе чујат без проповедник?
15. И како ќе навестуваат, ако не се испратени, како што е напишано: "Колку се прекрасни нозете на оние што носат радосни вести за добри нешта!"
16. Но сите не ја послушаа Радосната Bест, зашто Исаија вели: "Господи, кој и поверува на нашата вест?"
17. И така, верата доаѓа од слушање, и тоа од слушање на Христовото слово,
18. па велам: Зар не чуле? Секако: "Гласот им одекна по целата земја, а нивните зборови до крајот на светот."
19. И си велам: Зар Израел не разбра? Мојсеј прв вели: "Ќе предизвикам љубомора кај вас спрема оние што не се народ и ќе ве разгневам со народ кој е неразумен."
20. А Исаија пак се осмелува да рече: "Ме најдоа оние кои не Ме бараа, и им се јавив на оние кои не прашуваа за Мене."
21. А за Израел зборува: "Цел ден ги протегав Своите раце кон народ непокорен и инаетлив."

  Romans (10/16)