Revelation (9/22)  

1. Затруби и петтиот ангел, и видов ѕвезда што падна од небото на земјата, на која и беше даден клучот од јамата на бездната.
2. И ја отвори јамата на бездната, и од неа се издигна дим, како дим од голема печка, а сонцето и воздухот потемнеа од димот на јамата.
3. Од димот излегоа скакулци по земјата, па им беше дадена сила каква што имаат земните скорпии,
4. и им беше речено да не и наштетуваат на земната трева, ниту на кое да било зеленило, ниту на било кое дрво, туку само на оние луѓе кои немаат Божји печат на своите чела.
5. И не им беше дозволено да ги убиваат, туку да ги мачат пет месеци, а нивното мачење беше како измачување од скорпија кога каснува човек.
6. Bо тие дни луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат; ќе сакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив.
7. А скакулците по својот облик прилегаа на коњи, приготвени за бој, а на своите глави имаа круни слични на злато, а лицата им беа како човечки лица.
8. И имаа коси како жени, а забите им беа како на лавови.
9. Имаа оклопи како од железо, а шумот на нивните крила беше татнеж на воени кочии со многу коњи кои итаат во бој.
10. И имаа опашки и осила како скорпии; а во нивните опашки е нивната моќ да ги измачуваат луѓето пет месеци.
11. Над себе, како цар, го имаа ангелот на Бездната, кому името на хебрејски јазик му е Абадон, а на грчки Аполион.
12. Првото зло помина, и еве, по него доаѓаат уште две зла.
13. И шестиот ангел затруби, и чув глас од четирите рога на златниот жртвеник пред Бог
14. како му зборува на шестиот ангел, кој ја имаше трубата: "Одврзи ги четирите ангели кои се врзани кај големата река Еуфрат!"
15. И беа одврзани четирите ангели, приготвени за часот, денот, месецот и годината, да ја убијат третината од човештвото.
16. А бројот на војувачките коњаници беше двесте милиони - го чув нивниот број.
17. И во привидение вака ги видов коњите и оние што ги јаваа: имаа огнени оклопи од хијацинт и сулфур, а главите на коњите личеа на глави од лавови, а од нивните усти излегуваа оган, дим и сулфур.
18. Од овие три зла, од огнот, од димот и од сулфурот, што избиваа од устите на коњите, се сотре третина од човештвото.
19. Зашто моќта на коњите беше во нивните усти и во нивните опашки; имено, опашките им се слични на змии и имаат глави со кои пакостат.
20. А остатокот од луѓето што не беа сотрени од овие зла, не се покаја за делата на своите раце: поклонување на демони, на златни, сребрени, бронзени, камени и дрвени идоли, кои не можат ниту да гледаат, ниту да слушаат, ниту да одат.
21. И не се покајаа за своите убиства, ниту за своите гатања, ниту за своите блудства, ниту за своите кражби.

  Revelation (9/22)