Revelation (8/22)  

1. И кога го отвори седмиот печат, настана тишина на небото, околу половина час.
2. И ги видов седумте ангели, кои стоеја пред Бога, на кои им беа дадени седум труби.
3. Дојде и друг ангел, со златна кадилница, и застана до жртвеникот, држејќи златна кадилница, и му беше даден многу темјан, за да го принесе заедно со молитвите на сите светии, врз златниот жртвеник пред престолот.
4. А од рацете на ангелот се издигна пред Бог димот од темјанот, заедно со молитвите на светиите.
5. И ангелот ја зеде кадилницата, ја наполни со оган од жртвеникот и ја фрли на земјата, при што настанаа громови и грмежи и молскавици и земјотрес.
6. А седумте ангели, кои ги имаа седумте труби, се подготвија да затрубат.
7. Првиот затруби, и се појавија град и оган, помешани со крв, и тоа беше фрлено на земјата, и изгоре третина од земјата, третина од дрвјата и сета зелена трева.
8. Затруби и вториот ангел, и нешто како голема гора, пламната во оган, беше фрлена во морето, и третина од морето стана крв,
9. изумре третина од живите суштества во морето и беше уништена една третина од корабите.
10. И третиот ангел затруби, а од небото падна голема ѕвезда која гореше како факел и падна врз третината од реките и водните извори.
11. Името на ѕвездата е Пелин. И третина од водите стана пелин и многу луѓе изумреа од водите, бидејќи беа загорчени.
12. И четвртиот ангел затруби, и беа удрени третина од сонцето, третина од месечината и третина од ѕвездите, за да потемни третиот дел од нив, и третина од денот да не свети, а исто така и од ноќта.
13. И видов и чув еден орел како лета сред небото, извикувајќи со силен глас: "Тешко, тешко, тешко им на оние кои живеат на земјата, заради преостанатите трубини гласови на тројцата ангели, кои ќе затрубат."

  Revelation (8/22)