Revelation (7/22)  

1. Потоа видов четири ангела како стојат на четирите краишта на земјата, држејќи ги четирите земни ветрови, за да не дува ветар ниту на земјата, ниту по морето, ниту низ некое дрво.
2. И видов друг ангел, кој се издигаше од исток и кој го имаше печатот на живиот Бог, па почна да им вика со силен глас на четирите ангели, на кои им беше дадено да им напакостат на земјата и на морето,
3. велејќи: "Не пакостете и на земјата, ни на морето, ниту на дрвјата, додека не им ставиме печат на челата на слугите на нашиот Бог!"
4. И го чув бројот на запечатените: сто четириесет и четири илјади запечатени од сите племиња на израеловите синови:
5. дванаесет илјади запечатени од племето Јуда, дванаесет илјади запечатени од племето Рубен, дванаесет илјади запечатени од племето Гад;
6. дванаесет илјади запечатени од племето Асер, дванаесет илјади запечатени од племето Нефталим, дванаесет илјади запечатени од племето Манасе;
7. дванаесет илјади запечатени од племето Симеон, дванаесет илјади запечатени од племето Леви, дванаесет илјади запечатени од племето Исахар;
8. дванаесет илјади запечатени од племето Забулон, дванаесет илјади запечатени од племето Јосиф, дванаесет илјади запечатени од племето Bенјамин.
9. Потоа погледнав, и ете, големо мноштво, што никој не можеше да го изброи, од сите родови, племиња, народи и јазици, како стојат пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки, со палмини гранчиња во своите раце,
10. и громогласно извикуваа: "Спасение од нашиот Бог Кој седи на престолот, и од Јагнето!"
11. А сите ангели стоеја околу престолот, старешините и четирите живи суштества; и паднаа ничкум пред престолот и Го прославија Бог,
12. велејќи: "Амин! Благослов, слава, мудрост, благодарност, чест, моќ и сила на нашиот Бог во сите векови. Амин!"
13. А еден од старешините проговори, велејќи ми: "Кои се и од каде дојдоа овие што се облечени во бели облеки?"
14. А јас му реков : "Господине мој, ти знаеш!" И ми рече: "Тоа се оние кои доаѓаат од големите маки, кои ги испраа своите облеки и ги избелија во крвта на Јагнето."
15. Затоа се пред Божјиот престол и Му служат дење и ноќе во Неговиот храм; а Оној Кој седи на престолот, ќе го распне Својот Шатор над нив.
16. Нема веќе да огладнат, ниту да ожеднат, ниту сонцето ќе ги пече, ниту, пак, некаква жега,
17. зашто Јагнето, Кое е сред престолот, ќе ги пасе и ќе ги води на извори на жива вода, а Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи.

  Revelation (7/22)