Revelation (6/22)  

1. И видов кога Јагнето отвори еден од седумте печати и чув едно од живите суштества како громогласно вика: "Дојди!"
2. А јас погледнав, и ете, бел коњ, а коњаникот имаше лак; и му беше дадена круна, па како победник тргна да победува.
3. И кога го отвори вториот печат, го чув другото живо суштество како зборува: "Дојди!"
4. И излезе друг, црвен коњ, а на коњаникот му беше дадено да го крене мирот од земјата, та луѓето меѓусебно да се убиваат; и му беше даден голем меч.
5. И кога го отвори третиот печат, го чув третото живо суштество како зборува: "Дојди!" А јас погледнав, и ете, црн коњ, а коњаникот имаше терезија во својата рака.
6. И чув како зборува глас меѓу четирите живи суштества: "Еден шиник пченица за денариј! Три шиника јачмен за денариј! А на маслото и на виното не пакости им!"
7. И кога го отвори четвртиот печат, го чув гласот на четвртото живо суштество кое зборуваше: "Дојди!"
8. А јас погледнав, и ете, сиво-зелен коњ, а на коњаникот името му беше Смрт, и Адот одеше по него. Н ним им беше дадена власт над четвртина од земјата, да убиваат со меч, со глад, со помор и со дивите ѕверови на земјата.
9. И кога го отвори петтиот печат, ги видов под жртвеникот душите на закланите заради Божјото слово и заради сведоштвото што го одржаа.
10. И извикаа со силен глас, велејќи: "До кога, свет и вистинит Господару, нема да судиш и да ја одмаздиш нашата крв над оние кои живеат на земјата?"
11. И секому од нив му беше дадена бела облека и на сите им беше речено да се стрпат уште малку време, додека не биде исполнет бројот на нивните сослужители и браќа, кои ќе бидат убиени како и тие.
12. И видов кога го отвори шестиот печат, и се случи голем земјотрес; сонцето поцрне како струнена вреќа, а целата месечина се стори како крв,
13. и небесните ѕвезди испопаѓаа на земјата, како што смоквата ги исфрла своите незрели плодови, кога ќе ја затресе силен ветар.
14. А небото го снема како свиток кога се смотува; и сите гори и сите острови се поместија од своите места.
15. Земните цареви, големците, војсководците, богатите, силните, секој роб и секој слободен човек се засолнија во пештерите и по горските камењари,
16. велејќи им на горите и на карпите: "Паднете врз нас и скријте нè од лицето на Оној Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето,
17. зашто дојде великиот Ден на нивниот гнев, и кој може да се одржи?"

  Revelation (6/22)