Revelation (3/22)  

1. "И на ангелот на црквата во Сард, напиши му: ова го зборува Оној Кој ги има седумте Божји Духови и седумте ѕвезди: ги знам твоите дела, имаш име дека си жив, но си мртов.
2. Бдеј и зацврсти го она што е на умирање, зашто не ги најдов твоите дела совршени пред мојот Бог.
3. Затоа, сети се што примил и чул, чувај го и покај се. И така, ако не се разбудиш, ќе дојдам како крадец и нема да знаеш во кој час ќе ти дојдам.
4. Но во Сард имаш неколкумина што не ги осквернија своите облеки; тие ќе одат во бели облеки со Мене, зашто се достојни.
5. Затоа оној кој победува, ќе биде облечен во бели облеки и нема да го избришам неговото име од книгата на животот, туку ќе го признаам неговото име пред Мојот Татко и пред Неговите ангели.
6. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите!"
7. И на ангелот на црквата во Виладелфија напиши му: ова го зборува Светиот и Bистинитиот, Кој го има Давидовиот клуч; Кој отвора и никој не затвора, Кој затвора и никој не отвора:
8. ги знам твоите дела. Еве, поставив пред тебе отворена врата што никој не може да ја затвори, затоа што ти имаш мала сила, а сепак го запази Моето слово и не се откажа од Моето име.
9. Еве, ти давам некои од сатанската синагога, кои тврдат дека се Евреи, а не се, туку лажат; ете, ќе направам да дојдат и да се поклонат пред твоите нозе и да разберат дека Јас те засакав.
10. Бидејќи ти го запази словото на Моето трпение, и Јас ќе те запазам од часот на испитувањето што ќе дојде врз целиот свет, за да ги испита оние кои живеат на земјата.
11. Ќе дојдам скоро! Држи го цврсто она што го имаш, за никој да не ја земе твојата круна.
12. Оној кој победува ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог и нема веќе да излезе надвор и на него ќе го напишам името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог, новиот Ерусалим кој слегува од небото, од Мојот Бог, и Моето ново име.
13. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите.
14. И на ангелот на црквата во Лаодикеја напиши му: ова го зборува Амин, верниот и вистинитиот Сведок, Почетокот на Божјото создание:
15. ги знам твоите дела, не си ни студен ни жежок. О, кога би бил студен или жежок!
16. Bака, бидејќи си млак и не си ниту жежок ниту студен, ќе те изблујам од Мојата уста.
17. Бидејќи велиш: богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба, а не знаеш дека си беден, несреќен, сиромав, слеп и гол;
18. те советувам да си купиш од Мене злато, пречистено со оган, за да се збогатиш; бели облеки, за да се облечеш и да не се открие срамот на твојата голотија; и очна маст, за да ги намачкаш своите очи, та да можеш да гледаш.
19. Јас ги укорувам и ги казнувам оние што ги љубам; затоа биди ревносен и покај се!
20. Еве, стојам пред вратата и чукам; ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него и тој со Мене.
21. На оној што победува, ќе му дадам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Мојот Татко на Неговиот престол.
22. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите!

  Revelation (3/22)