Revelation (22/22)    

1. И ми покажа река со вода на животот, бистра како кристал, која истекува од престолот на Бог и на Јагнето.
2. Сред неговата улица и од двете страни на реката беше дрвото на животот, кое раѓа дванаесет пати, кое секој месец го дава својот плод, а лисјата на дрвото се за исцелување на народите.
3. Таму нема веќе да има никакво проклетство. Престолот на Бог и на Јагнето ќе биде во него, а Неговите слуги ќе Му служат
4. и ќе го гледаат Неговото лице, а Неговото име ќе им биде на нивните чела.
5. Ноќ веќе нема да има и не ќе им биде нужна светлина од светилка, ни светлина од сонцето, зашто Господ Бог ќе ги осветлува, и ќе владеат вечно.
6. И ми рече: "Зборовиве се веродостојни и вистинити; и Господ Бог на пророчките духови го испрати Својот ангел за да им ги покаже на Своите слуги нештата што наскоро ќе се случат.
7. Еве, доаѓам скоро. Блажен е оној кој ги пази пророчките зборови на оваа книга!
8. Јас, Јован, сум тој кој ги чу и ги виде овие нешта. И кога чув и видов, паднав да се поклонам пред нозете на ангелот кој ми ги покажа овие нешта.
9. А тој ми рече: "Не прави го тоа! Јас сум слуга како и ти и твоите браќа, пророците и сите оние кои ги пазат зборовите на оваа книга. На Бог поклони Му се!"
10. И ми рече:" Не запечатувај ги пророчките зборови на книгава, зашто времето е близу!
11. Оној Кој врши неправда, нека врши уште неправда; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен нека врши уште праведност; и кој е свет, нека станува уште посвет!"
12. Ете, доаѓам скоро, и наградата Моја е со Мене, за да му дадам секому според неговото дело!
13. Јас Сум Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Почетокот и Завршокот.
14. Блажени се оние кои ги перат своите облеки, за да имаат право на дрвото на животот и за да можат да влезат во градот низ портите!
15. Надвор се кучињата, гатачите, блудниците, убијците, идолопоклониците и секој кој ја сака лагата и кој лаже."
16. "Јас, Исус, го испратив Својот ангел за да ви го посведочи ова на црквите. Јас Сум Давидовиот корен и сјајната ѕвезда Деница!"
17. Духот и невестата велат: "Дојди!" И кој слуша нека рече: "Дојди!" И кој е жеден - нека дојде, и кој сака - нека земе дарум од водата на животот!
18. Јас му сведочам секому кој ги слуша пророчките зборови на оваа книга. Ако некој им додаде нешто, Бог ќе му додаде од маките опишани во оваа книга.
19. А ако некој одземе нешто од зборовите на книгава на ова пророштво, Бог ќе му го одземе неговиот дел од дрвото на животот и од светиот град, кои се опишани во оваа книга.
20. Оној Кој го сведочи ова, говори: "Да, доаѓам скоро!" - Амин! Да, дојди Господи Исусе!
21. Благодатта на Господ Исус нека биде со сите вас.

  Revelation (22/22)