Revelation (21/22)  

1. И видов ново небо и нова земја, зашто првото небо и првата земја поминаа и море немаше веќе.
2. Тогаш го видов Светиот Град, Новиот Ерусалим, како слегува од небото, од Бог, стокмен како невеста, украсена за својот маж.
3. И чув како еден силен глас од престолот вели: "Еве го Божјиот Шатор меѓу луѓето и Тој ќе живее со нив; и тие ќе бидат Негов народ, а Самиот Бог ќе биде со нив,
4. и ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ни тага, ни плач, ниту болка, зашто првото помина.
5. А Оној Кој седи на престолот, рече: "Ете, правам сè ново." И уште рече: "Пишувај, зашто овие зборови се веродостојни и вистинити!"
6. И ми рече: "Се сврши! Јас Сум Алфа и Омега, Почетокот и Завршокот. Јас ќе му дадам на жедниот, дарум, од изворот на водата на животот.
7. Кој победува ќе го наследи ова, и Јас ќе му бидам Бог, а тој ќе ми биде син.
8. А на страшливците и на неверните, и на гнасните и на убијците, и на блудниците и на гатачите, на идолопоклониците и на сите лажливци, делот им е во езерото што гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт.
9. И дојде еден од седумте ангели кои ги имаа седумте садови полни со последните седум зла, проговори со мене и ми рече: "Дојди да ти ја покажам невестата, жената на Јагнето!"
10. И ме одведе во духот на голема и висока гора и ми го покажа светиот град, Ерусалим, како слегува од небото, од Бог,
11. кој ја имаше Божјата слава, а неговата светлина беше слична на многу скапоцен камен, на кристално проѕирниот камен јаспис.
12. Имаше голем и висок ѕид со дванаесет порти и на портите - дванаесет ангели и напишани имиња, а тоа се имињата на дванаесетте племиња на израеловите синови.
13. Од исток имаше три порти, од север три порти, од југ три порти и од запад три порти.
14. А градскиот ѕид имаше дванаесет темели и на нив дванаесет имиња на дванаесетте апостоли на Јагнето.
15. А оној кој зборуваше со мене имаше златна трска за да го измери градот и неговите порти и неговиот ѕид.
16. Градот, пак, е поставен четриаголно, а должината му е колку и широчината. И го измери градот со трската: дванаесет илјади стадии; неговата должина, широчина и височина се еднакви.
17. И го измери неговиот ѕид: сто четириесет и четири лакти по човечка мерка, која е и ангелска.
18. Неговиот ѕид беше изграден од јаспис, а градот од чисто злато, како чисто стакло.
19. Темелите на градскиот ѕид беа украсени со секаков вид скапоцени камења: првиот темел е од јаспис, вториот - од сафир, третиот - од халкидон, четвртиот - од смарагд;
20. петтиот - од сардоникс, шестиот - од сард, седмиот - од хрисолит, осмиот - од вирил, деветтиот - од топаз, десеттиот - од хрисопрас, единаесеттиот - од хијацинт; дванаесеттиот - од аметист.
21. А дванаесетте порти беа дванаесет бисери; секоја порта беше од еден бисер. Градската улица беше од чисто злато како проѕирно стакло.
22. А храм не видов во него, зашто негов храм се Семоќниот Господ Бог и Јагнето.
23. И на градот не му е потребно сонце, ниту месечина, за да му светат, зашто Божјата слава го осветлуваше, а Јагнето му е светилник.
24. Народите, пак, ќе одат во неговата светлина, а земните цареви ќе ја донесат својата слава во него.
25. Неговите порти нема да се затвораат дење, зашто таму не ќе има ноќ.
26. Славата и честа на народите ќе бидат донесени во него.
27. И во него нема да влезе ништо нечисто, ни оној кој прави нешто гнасно и лаже, туку само оние кои се запишани во книгата на животот на Јагнето.

  Revelation (21/22)