Revelation (2/22)  

1. "На ангелот на црквата во Ефес, напиши му: ова го зборува Оној Кој ги држи седумте ѕвезди во Својата десница, Кој оди сред седумте златни светилници.
2. Ги знам твоите дела, твојот труд и твоето трпение и дека не можеш да ги поднесуваш лошите, туку ги испита оние што тврдат дека се апостоли, а не се, и откри дека се лажливци;
3. и имаш трпение, си претрпел заради Моето име и не се умори.
4. Но имам нешто против тебе, зашто ја остави својата прва љубов.
5. Спомни си од каде падна, покај се и врши ги делата што ги вршеше на почетокот; ако, пак, не, ќе дојдам кај тебе и ако не се покаеш ќе го отстранам твојот светилник од неговото место.
6. Сепак, ова го имаш: ги мразиш николаитските дела, кои и Јас ги мразам.
7. Кој има уво, нека чуе што им говори Духот на црквите: на оној што надвладува, ќе му дадам да јаде од дрвото на животот, што е во Божјиот рај!"
8. "На ангелот на црквата во Смирна, напиши му: Првиот и Последниот, Кој умре и оживе, го зборува ова:
9. ги знам твоите неволи и твојата сиромаштија, но ти си богат, и хулите на оние кои зборуваат дека се Евреи, а не се, туку се сатанска синагога.
10. Не плаши се од она што ќе го претрпиш. Ете, ѓаволот ќе фрли некои од вас в зандана, за да бидете испитани, и ќе бидете во невола десет дни. Биди верен до смрт и ќе ти ја дадам круната на животот.
11. Кој има уво, нека чуе што им говори Духот на црквите: на Оној кој победува, втората смрт нема да му наштети."
12. "На ангелот на црквата во Пергам, напиши му: ова го вели Оној Кој го има мечот со две сечила:
13. знам каде живееш, таму каде што е престолот на сатаната, но ти го држиш Моето име и не се откажа од верата во Мене, дури ни во деновите на Мојот верен сведок Антипа кого го убија кај вас, каде што живее сатаната.
14. Но имам неколку работи против тебе, зашто имаш таму некои кои го држат учењето на Балаам, кој го учеше Балак да ги наведе на грев израеловите синови, за да јадат идолски жртви и да блудствуваат.
15. Така и ти имаш некои кои на ист начин го држат учењето на николаитите.
16. Затоа, покај се! Ако пак не, ќе дојдам бргу кај тебе и ќе завојувам против нив со мечот на Мојата уста.
17. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите: на оној кој победува, ќе му дадам од скриената мана, ќе му дадам и бел камен, и на каменот напишано ново име што никој не го знае, освен оној кој го добива."
18. "И на ангелот на црквата во Тиатир напиши му: ова го зборува Божјиот Син, Кој има очи како огнен пламен, а стапалата му се како сјајна бронза:
19. ги знам твоите дела, твојата љубов, верата и службата, твојата истрајност и твоите последни дела кои се поголеми од оние на почетокот.
20. Но имам нешто против тебе, што ја трпиш жената Језавела, која себеси се нарекува пророчица и која ги учи и ги заблудува Моите слуги да блудствуваат и да јадат идолски жртви.
21. и дадов време да се покае, но не сака да се покае за своето блудство.
22. Еве, ќе ја фрлам в постела, а оние кои вршат прељуба со неа, во големи неволи, ако не се покајат за своите дела.
23. И ќе и ги погубам децата со помор, и сите цркви ќе знаат дека Јас Сум Тој Кој ги испитува бубрезите и срцата, и ќе му дадам секому од вас според неговите дела.
24. А вам и на другите во Тиатир, кои не го држат ова учење, кои - како што велат - не ги запознаа сатанските длабочини, ви велам: не ви наложувам друго бреме.
25. Сепак држете го она што го имате, додека дојдам.
26. А на оној кој победува и ги пази Моите дела докрај, нему ќе му дадам власт над народите,
27. и ќе ги пасе со железна палка, и ќе се скршат како глинени садови, како што и Јас тоа го примив од Мојот Татко.
28. И ќе му ја дадам ѕвездата Деница.
29. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите!"

  Revelation (2/22)