Revelation (17/22)  

1. И дојде еден од седумте ангели, кои ги имаа седумте садови, проговори и рече: "Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница која седи на многу води,
2. со која блудствуваа земните цареви, а жителите на земјата се опија од виното на нејзиното блудствување."
3. И ме одведе, во духот, во пустината: и видов жена како седи врз црвен ѕвер кој беше полн со богохулни имиња и имаше седум глави и десет рогови.
4. А жената беше облечена во пурпурно и во црвено, и украсена со злато, со скапоцени камења и со бисери, и држеше во својата рака златна чаша полна со гнасотијата и нечистотијата од нејзиното блудство,
5. а на челото, пак, и беше напишано име, тајна: "ГОЛЕМИОТ BАBИЛОН, МАЈКАТА НА БЛУДНИЦИТЕ И НА ЗЕМНИТЕ ГНАСОТИИ."
6. Ја видов жената пијана од крвта на светиите и од крвта на Исусовите сведоци, и се зачудив многу кога ја видов.
7. А ангелот ми рече: "Зошто се чудиш? Јас ќе ти ја кажам тајната на женава и на ѕверот што ја носи и кој има седум глави и десет рогови.
8. Ѕверот што го виде, беше и го нема, треба да излезе од бездната за да отиде во пропаст. А земните жители чие што име не е запишано во книгата на животот, од создавањето на светот, ќе се зачудат, кога ќе видат дека ѕверот беше, и дека го нема, и пак е.
9. За ова е потребен ум со мудрост! Седумте глави се седумте гори врз кои седи жената.
10. Тоа се седум цареви, од кои петмина паднаа, едниот постои, а другиот уште не е дојден, а кога ќе дојде, треба да остане малку.
11. Ѕверот, пак, кој беше и кого го нема, е осми, а е од седумте и оди во пропаст.
12. А десетте рогови што ги виде, тоа се десет цареви кои уште не се зацарени, но ќе примат царска власт заедно со ѕверот, за еден час.
13. Тие се истомисленици, и ќе му ја предадат својата сила и власт на ѕверот.
14. Тие ќе војуваат против Јагнето, но Јагнето ќе ги победи зашто е Господар на господарите и Цар на царевите, а со Него се повиканите, избраните и верните."
15. И ми рече: "Bодите што ги виде, каде што седи блудницата, тоа се луѓе, толпи, народи и јазици.
16. А десетте рогови што ги виде, и ѕверот, ќе ја замразат блудницата и ќе ја запустат и соголат, ќе и го јадат месото и ќе ја изгорат со оган,
17. зашто Бог им даде во нивните срца да ја исполнат Неговата замисла, да дејствуваат едномислено и да му го дадат своето царство на ѕверот, додека не се исполни Божјото слово.
18. Жената, пак, што ја виде е големиот град кој владее над земните цареви."

  Revelation (17/22)