Revelation (13/22)  

1. А јас застанав на песокта од морскиот брег. И видов ѕвер како излегува од морето, кој имаше десет рогови и седум глави, а на неговите рогови десет круни и на неговите глави богохулни имиња.
2. Ѕверот што го видов беше како леопард, нозете му беа како на мечка, а устата како на лав. А змевот му ја даде својата сила, својот престол и голема власт.
3. И видов една од неговите глави небаре е смртно ранета, но неговата смртоносна рана беше исцелена. И сета земја се восхити и тргна по ѕверот;
4. и му се поклонија на змевот, бидејќи му даде власт на ѕверот; му се поклонија и на ѕверот, велејќи: "Кој е како ѕверот и кој може да војува против него?"
5. И му беше дадена уста која зборува големи нешта и богохулства, и му се даде власт да прави така четириесет и два месеци.
6. И ја отвори својата уста да хули против Бога, да го хули Неговото име и Неговиот Шатор, и оние кои живеат на небото.
7. Му беше дадено да завојува против светиите и да ги совлада и му се даде власт над секое племе, народ, јазик и род.
8. А сите кои живеат на земјата, чие име не е запишано во книгата на животот на Јагнето кое беше заклано уште од создавањето на светот, ќе му се поклонат .
9. Кој има уво, нека чуе.
10. Кој е одреден за ропство, ќе биде одведен во ропство; кој убива со меч и самиот треба да загине од меч. Ова е трпението и верата на светиите.
11. Bидов и друг ѕвер како излегува од земјата и имаше два рога како кај јагне, а зборуваше како змев.
12. Тој ја спроведува власта на првиот ѕвер, во негово присуство, па направи земјата и нејзините жители да му се поклонуваат на првиот ѕвер чија смртоносна рана беше зацелена.
13. И прави големи чудотворни знаци, така што прави и оган да паѓа од небото на земјата пред луѓето.
14. Тој ги заведува жителите на земјата со чудотворните знаци што му беа дадени да ги прави пред ѕверот, велејќи им на жителите на земјата да направат икона на ѕверот кој имаше рана од меч и оживе.
15. И му беше дадено да вдахне дух во иконата на ѕверот, за иконата на ѕверот да прозборува и да направи да бидат убиени оние кои нема да се поклонат пред иконата на ѕверот.
16. И тој направи на сите - мали и големи, богати и бедни, слободни и робови - да им се даде белег на десната рака или на челото,
17. и никој да не може ниту да купи ниту да продаде, освен оној што го има белегот, името на ѕверот или бројот на неговото име.
18. За ова е потребна мудрост. Кој има разбирање нека го пресмета бројот на ѕверот, зашто тоа е број на човек, а неговиот број е шестотини шеесет и шест.

  Revelation (13/22)