Revelation (12/22)  

1. И се покажа голем знак на небото: жена, облечена со сонцето и со месечината под нејзините нозе, а на главата имаше круна од дванаесет ѕвезди;
2. беше бремена и викаше, бидејќи раѓаше, па имаше породилни маки.
3. Се покажа и друг знак на небото, и видов голем црвен змев со седум глави и со десет рогови, а на неговите глави седум круни;
4. неговата опашка збриша третина од небесните ѕвезди и ги фрли на земјата. А змевот стоеше пред жената која требаше да роди, за да и го проголта детето кога ќе го роди.
5. Таа роди машко дете, син, кој ќе ги води сите народи со железен жезол. И нејзиното дете беше однесено кај Бог и кај Неговиот престол.
6. А жената избега во пустината каде што имаше место приготвено од Бог, за да ја хранат таму илјада двеста и шеесет денови.
7. И настана војна на небото; Михаил со своите ангели завојува против змевот. Змевот, пак, и неговите ангели завојуваа,
8. но не одолеаја и не се најде веќе место за нив на небото.
9. Така големиот змев, старата змија, наречен ѓавол и сатана, кој го заведува сиот свет, беше исфрлен; беше фрлен долу на земјата, заедно со неговите ангели.
10. И чув силен глас на небото како зборува: "Сега дојде спасението, силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, затоа што е фрлен долу обвинителот на нашите браќа, кој ги обвинува пред нашиот Бог, дење и ноќе.
11. А тие го победија заради крвта на Јагнето и заради словото на своето сведоштво, и не зажалија да го дадат и својот живот.
12. Затоа, веселете се небеса и вие кои живеете на нив. Тешко вам, на земјата и морето, зашто ѓаволот слезе кај вас со голем гнев, знаејќи дека има малку време."
13. А кога змевот виде дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената која го роди машкото.
14. На жената, пак, и дадоа две крила од голем орел, за да летне во пустината, на своето место, каде што се хранеше едно време, и две времиња, и половина време, далеку од лицето на змијата.
15. А змијата испушти по жената од својата уста вода како река, за да биде однесена од водата.
16. Но земјата и помогна на жената и ја отвори устата и ја испи реката што ја испушти змевот од својата уста.
17. Змевот, пак, се разгневи на жената и отиде да војува против останатите од нејзиното потомство, против оние кои ги пазат Божјите заповеди и го држат Исусовото сведоштво.

  Revelation (12/22)