Revelation (11/22)  

1. И ми беше дадена трска за мерење, слична на стап, при што ми беше речено: "Стани и измери го Божјиот храм, жртвеникот и оние што Му се поклонуваат на Бог.
2. А надворешниот двор на храмот остави го и не мери го, зашто им е даден на народите, и тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеца.
3. И ќе им дадам на двајца Мои сведоци, облечени во струнени вреќи, да пророкуваат илјада двесте и шеесет дни.
4. Тие се двете маслинови дрвја и двата светилника кои стојат пред Господарот на земјата.
5. Ако некој сака да им напакости, оган ќе излезе од нивната уста и ќе ги проголта нивните непријатели. И ако некој сака да им напакости, ќе мора така да биде убиен.
6. Тие имаат власт да го затворат небото за да не паѓа дожд во деновите на нивното пророкување, и имаат власт над водите да ги претвораат во крв и да ја удрат земјата со секаква невола, онолкупати колку што ќе посакаат.
7. И кога ќе го завршат своето сведоштво, ѕверот кој ќе излезе од бездната, ќе завојува против нив, ќе ги победи и ќе ги убие.
8. Нивните мртви тела ќе лежат на улицата на големиот град кој духовно се нарекува Содом и Египет, каде што и нивниот Господ беше распнат.
9. А луѓе од сите народи, племиња, јазици и родови ќе ги гледаат нивните трупови три и пол дена и не ќе дозволат мртвите тела да бидат положени в гроб.
10. Притоа жителите на земјата ќе се радуваат и ќе се веселат поради нивната смрт, и ќе си праќаат дарови еден на друг, зашто тие двајца пророци ги измачуваа жителите на земјата.
11. И по три и пол дена, во нив влезе животворен дух од Бога, па застанаа на своите нозе, а голем страв ги обзеде оние што ги гледаа.
12. И се чу силен глас од небото, кој им велеше: "Дојдете ваму горе!" И отидоа горе на небо, во облак, а нивните непријатели ги гледаа.
13. Bо тој час настана голем земјотрес, па падна една десеттина од градот; и од земјотресот загинаа седум илјади луѓе, а другите се уплашија и Му оддадоа слава на небесниот Бог.
14. Bторото зло помина, и ете, третото зло брзо доаѓа.
15. Затруби и седмиот ангел и одекнаа силни гласови на небото, велејќи: "Царството на овој свет Му припадна на нашиот Господ и на Неговиот Христос, а Тој ќе царува во вечни векови."
16. А дваесет и четирите старешини кои седеа на своите престоли пред Бог, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог,
17. велејќи: "Ти благодариме Сèмоќен Господи Боже, Кој си и Кој беше, зашто ја зеде Својата голема сила и почна да владееш.
18. Народите се разгневија, но дојде Твојот гнев и дојде време да им биде судено на мртвите, и да им се даде награда на Твоите слуги, на пророците, на светиите и на оние што се бојат од Твоето име, мали и големи, и да ги уништиш оние што ја уништуваа земјата."
19. Притоа се отвори Божјиот храм на небото и се покажа ковчегот на Неговиот завет во Неговиот храм, и се јавија молскавици, гласови, грмежи, земјотрес и голем град.

  Revelation (11/22)