Philippians (3/4)  

1. На крај, браќа мои, радувајте се во Господ! Мене не ми е здодевно да ви го пишувам тоа па тоа, а вам ви служи како заштита.
2. Пазете се од кучињата, пазете се од злите работници, пазете се од лажното обрежување!
3. Зашто, вистинското обрежување сме ние кои служиме со Божјиот Дух и се фалиме во Христос Исус и не се надеваме на телото,
4. иако и јас можам да имам доверба во телото. Ако некој друг мисли дека може да има доверба во телото, јас уште повеќе:
5. обрежан сум во осмиот ден, од израелевиот род сум, од Бенјаминовото племе, Евреин од Евреите, по Закон - фарисеј,
6. по ревност - гонител на црквата, а според праведноста на Законот бев беспрекорен.
7. Но тоа што ми беше некогаш придобивка, го сметав за загуба поради Христос.
8. И уште повеќе, сметам дека сè е загуба во однос на превосходното познавање на Христос Исус, мојот Господ, заради Кого загубив сè и сè сметам за смет, за да Го придобијам Христос
9. и да се најдам во Него, без своја праведност, која доаѓа од Законот, туку по праведноста која доаѓа преку верата во Христос, праведноста која е од Бог врз основа на вера,
10. за да Го познавам Него и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, станувајќи сличен на Него во Неговата смрт,
11. та некако да достигнам до воскресението од мртвите.
12. Не велам дека веќе го достигнав или дека веќе станав совршен, туку се стремам да го достигнам она за кое и самиот бев достигнат од Христос Исус.
13. Браќа, јас уште не мислам дека го достигнав тоа, но сепак правам едно: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене;
14. трчам кон целта, за наградата на горното призвание од Бог во Христос Исус.
15. И така, ние кои сме совршени нека мислиме вака, а ако вие мислите и малку поинаку, Бог ќе ви го открие и тоа.
16. Сепак, да живееме според достигнатото!
17. Браќа, имајте ме за пример и гледајте на оние што живеат според примерот што го имате во нас!
18. Зашто мнозина, за кои ви зборував многупати, а сега зборувам и со солзи, живеат како непријатели на Христовиот крст.
19. Нивниот крај е погибел; нивниот бог им е стомакот; нивната слава е во нивниот срам; тие мислат само на земното.
20. А нашето граѓанство е на небесата, од каде и Го очекуваме Спасителот Господ Исус Христос,
21. Кој ќе го преобрази нашето понижено тело - да се сообрази со Неговото славно тело, според дејството на Неговата сила, со која може да покори сè под Себе.

  Philippians (3/4)