Philippians (2/4)  

1. И така, ако има некаква утеха во Христос, ако има некакво охрабрување од љубов, ако има некаква заедница на Духот, ако има некакво сочувство и сожалување,
2. направете ја мојата радост целосна, имајќи исти мисли и иста љубов, обединети во духот и со една цел.
3. Не правете ништо од ривалство или од суетно честољубие, туку во понизност сметајте се еден друг за поголем од себеси!
4. Не гледајте само на своите лични интереси, туку и на интересите на другите.
5. Имајте такви мисли во себе, какви што ги имаше и Исус Христос:
6. Кој, иако беше во ликот Божји, не го сметаше како нешто приграбено- тоа што е еднаков со Бог,
7. туку се лиши Самиот Себеси, земајќи лик на слуга, станувајќи сличен со луѓето.
8. И откако стана сличен на човек, Тој се понизи Самиот Себеси и стана послушен до смрт, дури до смрт на крст.
9. Затоа и Бог Го возвиши и Му подари име што е над секое име,
10. та во името Исус да се поклони секое колено на оние кои се на небото, на земјата и под земјата;
11. и секој јазик да признае дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Таткото.
12. Затоа, мили мои, како што секогаш бевте послушни, не само кога бев кај вас, туку уште повеќе сега, кога не сум кај вас, градете го своето спасение со страв и трепет.
13. Зашто Бог е Оној Кој ве поттикнува да сакате и да дејствувате според Неговата волја.
14. Правете сè без ропот и расправа,
15. за да бидете беспрекорни и незлобни Божји чеда, непорочни сред изопачено и расипано поколение, меѓу кое сте како светила во светот,
16. држејќи го цврсто словото на животот, за да имам со што да се фалам во Христовиот ден, дека не трчав залудно и дека залудно не се трудев.
17. Но, макар што сум излеан врз жртвата и службата на вашата вера, се радувам и ја споделувам својата радост со сите вас.
18. А исто така радувајте се и вие и споделете ја вашата радост со мене.
19. Но се надевам во Господ Исус наскоро да ви го испратам Тимотеј, та и јас да се охрабрам кога ќе дознаам како сте вие.
20. Зашто немам друг истомисленик, кој толку искрено ќе се грижи за вас,
21. бидејќи сите други го бараат своето, а не она што е на Христос Исус.
22. Bие го знаете неговиот докажан карактер, дека со мене служеше во ширењето на Евангелието како дете на таткото.
23. Затоа, се надевам дека ќе го испратам него веднаш штом ќе разберам што ќе стане со мене.
24. А се надевам во Господ дека и јас самиот наскоро ќе дојдам.
25. Сепак, сметав дека е за потребно да ви го испратам Епафродит, својот брат, соработник и соборец, а ваш пратеник и служител на моите потреби;
26. бидејќи копнееше по сите вас и беше нажален зашто сте чуле дека бил болен.
27. Навистина, беше смртно болен, но Бог му се смилува, и не само нему, туку и мене, за да не ми дојде тага врз тага.
28. Затоа го испратив поскоро, па повторно да се зарадувате кога ќе го видите, и јас да бидам помалку загрижен.
29. Затоа, примете го во Господ, со секаква радост и почитувајте ги таквите,
30. зашто заради Христовото дело се најде близу до смртта, излагајќи го својот живот на опасност, за да го надомести тоа што вие не можевте да го направите за мене.

  Philippians (2/4)