Philemon (1/1)    

1. Павле, затвореник за Христос Исус и братот Тимотеј, до нашиот мил брат и соработник Вилемон,
2. до нашата сестра Апфија, до нашиот соборец Архип и до црквата во твојот дом.
3. Благодат вам и мир од Бог, нашиот Татко, и од Господ Исус Христос.
4. Му благодарам на мојот Бог, секогаш спомнувајќи те во моите молитви,
5. бидејќи слушам за твојата љубов и за верата што ја имаш спрема Господ Исус и спрема сите светии;
6. твоето учество во верата нека биде делотворно преку познавањето на секое добро што е во тебе преку Христос.
7. Зашто имав голема радост и утеха во твојата љубов, бидејќи ти ги освежи срцата на светиите.
8. Затоа, иако имам голема смелост во Христос да ти заповедам да го правиш она што е исправно,
9. заради љубовта повеќе сакам да те молам, јас, ваков каков што сум, Павле, старец, а сега и затвореник за Христос Исус;
10. те молам за моето чедо Онисим, кого го родив во окови,
11. кој некогаш ти беше некорисен, а сега ни е мошне корисен и тебе и мене.
12. Ти го праќам назад, него, срцето мое.
13. Сакав да го задржам кај себе, за да ми служи место тебе во оковите поради Евангелието,
14. но не сакав ништо да сторам без твоја согласност, за да не биде твојата добрина од принуда, туку доброволно.
15. Можеби затоа беше одделен од тебе за малку време, за да го примиш назад засекогаш,
16. но не веќе како роб, туку повеќе од роб - како мил брат, особено за мене, а уште повеќе за тебе, и во телото и во Господа.
17. И така, ако мене ме сметаш за близок, прими го како мене!
18. А ако ти направил некаква штета или ти должи нешто, стави го тоа на моја сметка.
19. Јас, Павле, кој го пишувам ова своерачно, ќе платам; а да не ти спомнувам дека тоа што си, ми го должиш мене.
20. Да, брате, дозволи да видам некаква полза од тебе во Господ; закрепни ми го срцето во Христос.
21. Ти го пишувам ова, имајќи доверба во твојата послушност, зашто знам дека ќе направиш и повеќе отколку што ти барам.
22. А едновремено со тоа приготви ми и сместување, зашто се надевам дека, преку вашите молитви, ќе ви бидам даруван.
23. Те поздравуваат: Епафрас, кој е со мене затвореник за Христос Исус, како и моите соработници Марко, Аристарх, Дима и Лука.
24. Благодатта на Господ Исус Христос нека биде со твојот дух.

      Philemon (1/1)