Matthew (9/28)  

1. Откако влезе во коработ, премина и дојде во Својот град. Тогаш Му донесоа парализиран човек, кој лежеше на постела.
2. А кога Исус ја виде нивната вера, му рече на парализираниот: "Охрабри се, синко. Гревовите ти се простени."
3. И ете, некои од закониците си рекоа во себеси: "Овој хули на Бога."
4. А Исус, знаејќи ги нивните мисли, рече: "Зошто имате зли мисли во вашите срца?
5. Па што е полесно да се рече: 'Ти се простуваат гревовите', или да се рече: 'Стани и оди?'
6. Но, да знаете дека Синот Човеков има власт на земјата да простува гревови!" Потоа му рече на парализираниот: "Стани, земи си ја постелата и оди си дома."
7. И тој стана и си отиде дома.
8. А народот, кога го виде тоа, се восхити и Го прослави Бог Кој им дава таква власт на луѓето.
9. А кога Исус си одеше оттаму виде еден човек, по име Матеј, како седи на место каде што се собира данок, и му рече: "Следи Ме!" Тој стана и тргна по Него.
10. И додека Тој беше прилегнат крај трпезата во куќата, ете, многу даночници и грешници дојдоа и јадеа со Исус и со Неговите ученици.
11. Штом фарисеите го видоа тоа, им рекоа на учениците: "Зошто вашиот учител јаде со даночниците и грешниците?"
12. А Тој, кога го чу тоа, рече: "На здравите не им треба лекар, туку на болните!
13. Одете и научете што значи: 'Милост сакам, а не жртви'; зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците."
14. Тогаш Јовановите ученици дојдоа кај Него и рекоа: "Зошто ние и фарисеите многу постиме, а Твоите ученици не постат?"
15. А Исус им рече: "Можат ли сватовите да тажат, додека младоженецот е со нив? Но, ќе дојдат дни кога ќе им се отме младоженецот и тогаш ќе постат.
16. Никој не става алтица од ново платно на стара облека, зашто алтицата ја цепи облеката и дупката станува поголема.
17. Ниту пак ново вино се става во стари мешини; зашто мешините се кинат, виното истекува и мешините пропаѓаат. Туку ново вино се налева во нови мешини, па се запазуваат и двете."
18. Додека им зборуваше за тоа, ете, еден старешина на синагогата дојде, падна пред Него ничкум и рече: "Мојата ќерка пред малку умре, но дојди и стави ја Својата рака на неа и таа ќе оживее."
19. Исус стана и заедно со учениците тргна со него.
20. И ете, жена, која боледуваше дванаесет години од крвавење, Му се приближи одзади и се допре до работ на Неговата наметка,
21. зашто си велеше во себеси: "Само ако се допрам до Неговата облека, ќе оздравам."
22. А Исус се сврте, ја виде и и рече: "Охрабри се, ќерко. Твојата вера те исцели." И жената беше исцелена во тој час.
23. Кога Исус дојде во куќата на старешината, ги виде свирачите и развревената толпа,
24. и рече: "Отстапете, зашто девојчето не е умрено, туку спие." А тие Му се потсмеваа.
25. Откако народот беше истеран, влезе и го фати девојчето за рака и тоа стана.
26. И гласот за тоа се рашири по сета земја.
27. Кога Исус си одеше оттаму, двајца слепи Го следеа, викајќи и зборувајќи: "Смилувај ни се, Сине Давидов!"
28. А кога дојде во куќата, слепите Му пристапија, а Исус им рече: "Bерувате ли дека можам да го сторам тоа?" Тие Му рекоа: "Да, Господи!"
29. Тогаш ги допре нивните очи, велејќи: "Нека биде според вашата вера."
30. И очите им се отворија. А Исус им заповеда строго: "Гледајте никој да не дознае за ова!"
31. А тие, штом излегоа, го разгласија тоа по сета земја.
32. Додека излегуваа, Му доведоа човек нем и опседнат од демон.
33. Откако демонот беше изгонет, немиот прозборува. И народот восхитено зборуваше: "Никогаш не било видено нешто вакво во Израел!"
34. Варисеите велеа: "Тој ги изгонува демоните преку принцот на демоните."
35. Исус одеше по сите градови и села, поучувајќи во нивните синагоги, навестувајќи го Евангелието за царството, исцелувајќи секаква болест и секаква немош меѓу луѓето.
36. А кога го виде народот, беше трогнат од сожаление за него, зашто беше изморен и раштркан како овци кои немаат пастир.
37. Тогаш им рече на Своите ученици: "Жетвата навистина е голема, а работници има малку,
38. затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници за Својата жетва."

  Matthew (9/28)