Matthew (8/28)  

1. Кога слезе од гората, Го следеше едночудо народ.
2. И ете, еден лепрозен Му пристапи и падна пред Него ничкум, велејќи: "Господи, ако сакаш, можеш да ме исчистиш."
3. Тогаш Исус ја испружи раката и го допре, велејќи: "Сакам! Биди исчистен!" И веднаш од него се исчисти лепрата.
4. А Исус му рече: "Гледај, никому не кажувај, туку оди, појави му се на свештеникот и принеси го дарот што го заповедал Мојсеј, ним за сведоштво."
5. А кога Исус влезе во Капернаум, Му пристапи еден стотник и Го преколнуваше, велејќи:
6. "Господи, мојот слуга лежи парализиран дома и многу се мачи."
7. Исус му рече: "Ќе дојдам и ќе го исцелам."
8. А стотникот како одговор му рече: "Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив, туку, кажи само збор и мојот слуга ќе биде исцелен.
9. Зашто и јас сум човек потчинет, а имам и војници под себе. И кога му велам на едниот: 'Оди!' тој оди; и на другиот: 'Дојди!' - и тој доаѓа; а на својот слуга: 'Направи го тоа!' - и тој го прави тоа."
10. А кога Исус го чу тоа, се восхити и им рече на оние што Го следеа: "Bистина ви велам, ни во Израел не најдов толкава вера.
11. Bи велам дека мнозина ќе дојдат од исток и од запад, и ќе прилегнат крај трпезата со Авраам, Исак и Јаков во небесното царство;
12. а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина, каде што ќе има плач и чкртање со заби."
13. Тогаш Исус му рече на стотникот: "Оди си, нека биде според твојата вера." И неговиот слуга оздраве во истиот час.
14. Кога дојде Исус во Петровиот дом, ја виде неговата тешта како лежи болна од треска.
15. Ја допре нејзината рака и треската ја остави, а таа стана и Го послужуваше.
16. А кога настапи вечерта, Му доведоа многу опседнати од демони. Тој со збор ги изгони духовите и ги исцели сите болни,
17. за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: "Тој ги зеде нашите немошти и ги понесе нашите болести."
18. А кога Исус виде голема толпа околу Себе, заповеда да отпловат на другата страна.
19. А еден законик, пристапувајќи Му рече: "Учителе, јас ќе Те следам каде и да одиш."
20. А Исус му рече: "Лисиците имаат дувла, а небесните птици гнезда, додека Синот Човеков нема каде да стави глава."
21. Еден друг од Неговите ученици Му, рече: "Господи, дозволи ми најнапред да отидам и да го погребам татко ми."
22. А Исус му рече: "Следи Ме и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци."
23. Кога влезе во коработ, Неговите ученици тргнаа со Него.
24. И ете, голема бура се подигна на морето, така што брановите го покриваа коработ; а Тој спиеше.
25. И Му пристапија и Го разбудија, велејќи: "Господи, спаси нè! Загинуваме!"
26. А Тој им рече: "Зошто се плашите, маловерни?" Тогаш стана, ги прекори ветровите и морето, и сè стивна.
27. А луѓето се восхитија и рекоа:" Каков е Овој човек, та и ветровите и морето Му се покоруваат!?"
28. И кога дојде на другата страна, во гадаринската земја, Го сретнаа двајца опседнати од демони, кои излегоа од гробовите, крајно опасни, така што никој не можеше да помине по патот.
29. И ете, извикаа, велејќи: "Што имаме ние со Тебе, Божји Сине! Дали дојде за да нè измачуваш предвреме?"
30. Недалеку од нив пасеше голем крдар свињи.
31. А демоните Го преколнуваа, велејќи: "Ако нè изгониш, испрати нè да отидеме во крдарот свињи."
32. Тој им рече: "Одете!" А тие излегоа и отидоа во свињите; и ете, целиот крдар се сурна по карпата во морето и исчезна во водите.
33. А свињарите побегнаа и штом дојдоа во градот, разгласија за сè и за она што им се случи на опседнатите.
34. И ете, целиот град излезе да се сретне со Исус, и кога Го видоа Го преколнуваа да си отиде од нивниот крај.

  Matthew (8/28)