Matthew (7/28)  

1. "Не судете, за да не бидете судени!
2. Зашто со каков суд судите, со таков ќе ви се суди; и со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери.
3. Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а не ја забележуваш гредата во твоето око?
4. Или, како ќе му речеш на својот брат: 'Дозволи ми да ти ја извадам раската од твоето око', а, ете, во твоето око има греда?
5. Лицемеру, извади ја првин гредата од твоето око, па тогаш ќе можеш да гледаш јасно, за да ја извадиш раската од окото на својот брат.
6. Не давајте им го на кучињата она што е свето; ниту фрлајте ги своите бисери пред свињите, за да не ги изгазат под своите нозе, и да не ви се свртат и да ве раскинат."
7. "Посакајте и ќе ви се даде; побарајте и ќе најдете; почукајте и ќе ви се отвори.
8. Зашто секој кој посакува добива; кој бара наоѓа и на оној кој чука, ќе му биде отворено.
9. Или, кој е тој човек меѓу вас, што на својот син, ако му побара леб, ќе му даде камен?
10. Или, ако му побара риба, ќе му даде змија?
11. И така, ако вие кои сте зли знаете како да им давате добри дарови на своите чеда, колку повеќе добри нешта ќе им даде вашиот Татко, Кој е на небесата, на оние што Го молат?
12. Следствено, сè што сакате да ви прават луѓето, правете им и вие; зашто тоа е Законот и пророците."
13. "Bлезете низ тесната порта! Зашто широка е портата и простран е патот што водат кон пропаст и мнозина се оние кои влегуваат низ неа.
14. Додека тесна е портата и тесен е патот што водат во живот и малкумина се оние што го наоѓаат."
15. "Чувајте се од лажните пророци кои ви доаѓаат во овча облека, а внатре се ненаситни волци.
16. Ќе ги препознаете по нивните плодови. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка?
17. Па така, секое добро дрво раѓа добри плодови, а лошото дрво раѓа лоши плодови.
18. Не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови.
19. Секое дрво ако не раѓа добри плодови се сече и се фрла в оган.
20. Значи, ќе ги препознаете по нивните плодови."
21. "Секој што Ми вели: 'Господи, Господи!' нема да влезе во небесното царство, туку оној кој ја врши волјата на Мојот Татко Кој е на небесата.
22. Bо оној ден мнозина ќе Ми речат: 'Господи, Господи, не пророкувавме ли во Твое име, не изгонувавме ли демони во Твое име и не правевме ли моќни чуда во Твое име?'
23. А тогаш Јас ќе им изјавам: 'Никогаш не сум ве познавал. Одете си од Мене, вие, кои вршите беззаконие!'
24. И така, секој кој ги слуша овие Мои зборови и ги применува, ќе биде спореден со разумен човек кој ја изградил својата куќа врз карпа.
25. И заврна дожд, надојдоа реки, дувнаа ветрови и нагрвалија на куќата, но таа не се разурна, зашто беше втемелена врз карпата.
26. Секој, кој ги слуша овие Мои зборови, а не ги исполнува, ќе биде спореден со безумен човек, кој ја изградил својата куќа врз песок.
27. А кога заврна дожд, надојдоа реки, дувнаа ветрови и нагрвалија на таа куќа, таа се урна, а нејзиното уривање беше стравотно."
28. Кога Исус ги заврши овие зборови, толпата беше восхитена од Неговото учење;
29. зашто ги поучуваше како Оној Кој има власт, а не како нивните законици.

  Matthew (7/28)