Matthew (5/28)  

1. Кога ја виде толпата, се искачи на гората, и откако седна, Му пристапија учениците,
2. па почна да поучува, велејќи:
3. "Блажени се бедните во дух, бидејќи е нивно небесното царство!
4. Блажени се оние кои тагуваат, бидејќи ќе бидат утешени!
5. Блажени се кротките, бидејќи ќе ја наследат земјата!
6. Блажени се оние кои гладуваат и жедуваат за праведност, бидејќи ќе бидат задоволени!
7. Блажени се милостивите, бидејќи ќе бидат помилувани!
8. Блажени се чистите по срце, бидејќи ќе Го видат Бог!
9. Блажени се миротворците, бидејќи ќе бидат наречени Божји синови!
10. Блажени се оние кои се прогонувани заради праведност, бидејќи нивно е небесното царство!
11. Блажени сте кога ве навредуваат, прогонуваат и говорат лажно против вас, со секакви лоши изрази, заради Мене.
12. Радувајте се и веселете се, бидејќи голема е вашата награда на небесата, зашто така ги прогонуваа и пророците кои беа пред вас.
13. Bие сте солта на земјата, но ако солта се отсоли, со што ќе се осоли? Неа веќе за ништо не ја бива, освен да биде фрлена надвор и изгазена од луѓето.
14. Bие сте светлината на светот. Град кој е на рид, не може да се скрие;
15. ниту пак се пали свеќа за да се стави под вршник, туку на свеќник, и им свети на сите што се во куќата.
16. Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е на небесата."
17. "Немојте да мислите дека дојдов да ги укинам Законот и пророците! Не дојдов да ги укинам, туку да ги исполнам.
18. Зашто вистина ви велам, додека не исчезнат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ги снема од Законот, додека не се исполни сè.
19. И така, кој ќе наруши една од овие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе биде наречен најмал во небесното царство; а кој ги држи и поучува, ќе биде наречен голем во небесното царство.
20. Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на закониците и фарисеите, нема да влезете во небесното царство."
21. "Сте чуле дека им било речено на претците: 'Не убивај! А кој ќе убие, ќе одговара пред судот.'
22. А Јас ви велам дека секој кој се срди на својот брат без причина, ќе биде виновен пред судот. А кој ќе му рече на братот свој "празноглавец", ќе биде виновен пред врховниот суд. А кој ќе го нарече "глупак", ќе биде виновен за во огнениот пекол.
23. И така, ако принесуваш дарување пред олтарот и вчасум се сетиш дека брат ти има нешто против тебе,
24. остави го таму својот дар пред олтарот и оди првин смири се со својот брат, па потем врати се и принеси го дарувањето.
25. Помири се со твојот тужител пред законот, додека си уште со него на пат, за да не те предаде на судијата, а судијата пак на извршителот, па да те фрлат в зандана.
26. Bистина ти велам: нема да излезеш оттаму додека не ја дадеш и последната пара."
27. "Сте чуле дека им било речено на претците: 'Не врши прељуба!'
28. А Јас пак ви велам дека секој кој гледа на жена со похота, веќе извршил прељуба со неа во своето срце.
29. Ако твоето десно око те наведува на грев, извади го и отстрани го од себе; зашто подобро е да загине еден дел од телото, отколку целото тело да ти биде фрлено во пеколот.
30. И ако твојата десна рака те наведува на грев, пресечи ја и отстрани ја од себе; зашто подобро е да загине еден дел од телото, отколку целото тело да ти отиде во пеколот."
31. "Исто така било речено: 'Кој ќе ја остави својата жена, нека и даде разводна книга.'
32. А Јас ви велам дека секој што ја остава жената, освен за прељуба, ја принудува да врши прељуба, и оној што се жени со таква напуштена жена, врши прељуба."
33. "Уште сте чуле дека на претците им било речено: 'Не заколнувај се лажно, туку исполнувај ги пред Господ своите заклетви.'
34. А Јас ви велам: не заколнувајте се воопшто: ниту во небото, зашто тоа е Божји престол;
35. ниту во земјата, зашто е подножје на Неговите нозе; ниту во Ерусалим, затоа што е град на великиот Цар.
36. Не заколнувај се ниту во својата глава, зашто не можеш ниту едно влакно да направиш бело или црно!
37. Туку вашиот збор нека биде: 'да' - да, 'не' - не! Она што е повеќе од тоа, од злиот е."
38. "Сте чуле дека било речено: 'Око за око и заб за заб'.
39. А Јас пак ви велам: не противете му се на злото; но, ако некој те удри по твојот десен образ, сврти му го и другиот.
40. Ако некој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, остави му ја и наметката.
41. Ако некој те принуди да одиш со него една милја, ти оди со него две.
42. Дај му на оној што ти бара, и не одбивај го оној што ти сака на заем."
43. "Сте чуле дека било речено: 'Љуби го својот ближен' и 'мрази го својот непријател'.
44. А Јас ви велам: Љубете ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат;
45. за да бидете синови на вашиот Татко Кој е на небесата, бидејќи Неговото сонце изгрева над злите и над добрите, и Тој им дава дожд на праведните и на неправедните.
46. Зашто ако ги љубите оние кои ве љубат вас, каква награда имате? Зар истото не го прават и даночниците?
47. И ако ги поздравувате само своите браќа, што правите повеќе од другите? Зар не го прават истото и другите народи?
48. И така, бидете совршени како што е совршен вашиот небесен Татко."

  Matthew (5/28)